Веќе една недела нема ни трага, ни глас од специјалецот Игор Спасов, кој во петокот требало да се врати во затворот „Идризово“, откако му завршил условниот прекинот на казната, објави „Фокус“. Директорот на затворот Боби Мојсовски уште во понеделник го известил судот во Штип дека осуденикот не се вратил, но оттаму сѐ уште нема добиено повратен одговор.
-Спасов требаше да се врати во петок, до полноќ, но бидејќи не се појави уште во понеделникот го известивме судот во Штип и Управата за извршување на санкции. Сѐ уште немаме добиено повратен одговор, ни изјави директорот Мојсовски.
Од МВР истакнуваат дека не добиле известување за да трагаат по Спасов.
Каде е поранешниот специјалец не знае ниту неговиот адвокат Ване Андреев, кој на прашањето на „Фокус“, дали можеби Спасов добил нов прекин на казната, одговори дека не знае, не е во тек.
Спасовски беше осуден на правосилна казна од 14 години затвор за убиството на Мартин Нешкоски, што се случи на прославата на ВМРО-ДПМНЕ за победата на парламентарните избори. Тој зад решетки беше ставен во јуни 2011 година.