Заев: Можно е да се одложат изборите закажани за 12 април


Премиерот Зоран Заев смета дека 12 април како датум за одржување на предвремените парламентарни избори треба да се задржи, но, како што вели, се остава можност за какви било промени, пред се заради ратификацијата на Протоколот за прием на Северна Македонија во НАТО.

-Треба да се држиме до одлуките, барем до оние кои како политичките чинители ги донесовме со консензус и 12 април треба да го задржиме. Секако, секој пат одговорноста на државата е пред се и над се. Оставаме можност да се случат било какви промени, пред се заради НАТО ратификацијата, изјави премиерот Заев одговарајќи на новинарско прашање по увидот во отпочнувањето на градежните работи на патот од село Бутел до село Љуботен.

Посочи дека како држава нема да дозволиме да немаме парламент токму кога ние треба да го ратификуваме Протоколот со НАТО.

– Сите 29 земји членки го ратификувале Протоколот и кога ќе дојде до Република Северна Македонија да го ратификува не смееме да дозволиме да немаме парламент, истакна премиерот.

Затоа, како што додаде, и претседателот на Парламентот Талат Џафери веројатно води грижа и за прашањето за законските рокови.

-Претседателот на Собранието за жал не беше поканет кај претседателот на државата Стево Пендаровски кога разговаравме за ова прашање и каде што паднаа одлуките. Но, Собранието е највисок орган во државата и највисоко демократско тело кое одлучува согласно законските услови дали 45 дена или 60 дена… Јас слушнав дека претседателот на Собранието одлучил 60 дена. Секако ако е таква одлуката нам ни останува да се поклониме пред одлуката и да ја испочитуваме до крај. Но, секако сите мора да водиме грижа државата да ни биде функционална кога се носат вакви историски одлуки, рече премиерот Заев.

Претседателот на Собранието Талат Џафери најави дека ќе го распушти законодавниот дом на 11 февруари, односно 60 дена пред одржувањето на парламентарните избори закажани за 12 април.

Според Џафери, не постои можност да се свика Собранието доколку има потреба да се ратификува Протоколот за членство во НАТО. За тоа, како што изјави Џафери на средбата со новинарите, ќе треба да се чека на новиот собраниски состав.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1