Фризерот на португалската фудбалска ѕвезда Кристијано Роналдо е пронајден мртов во една соба во хотел во Цирих (Швајцарија), објавија португалските и шпанските медиуми.
Рикардо Маркес Фереира (40) е пронајден на креветот во локва крв, а сè упатува на тоа дека е брутално избоден со нож.
Безживотното тело било пронајдено од една слугинка на хотелот. Фризерот имал состанок со „еден пријател“ кој завршил со расправија и убиство. Во собата се чувствувала смрдеа на алкохол.
Фереира, роден на португалскиот остров Мадеира, како и 34-годишниот фудбалер на Јувентус и репрезентацијата на Португалија Роналдо, последните две години живеел во Цирих.
Во хотелот престојувал една недела, па медиумите шпекулираат дека можеби е вплеткан во тамошното подземје, бидејќи тој дел од градот е познат по проституцијата и продажбата на дрога. Полицијата засега не исклучува ниту една претпоставка.
Фереира беше познат во Португалија, бидејќи освен за Роналдо, работеше уште за разни португалски актерки и пејачки.