Пентагон синоќа ги објави првите снимки од нападот на американските специјалци минатиот викенд на засолништето на првиот човек на Исламската држава, Абу Бакр Ал Багдади.
Декласифицираната, црно-бела снимка направена од воздух, открива како американските специјалци се приближуваат кон засолништето на Багдади и авионите кои што напаѓаат милитантите во близина.
Најдраматичното видео покажува огромен, црн чад кој се издига од земјата откако бомбите ќе го разнесат објектот каде што се криел сега веќе поранешниот лидер на Исламската држава.
Морнаричкиот генерал Кенет Мекензи, командант на американската Централна команда која е задолжена за американските сили на Блискиот исток, информирајќи ги новинарите предупреди дека милитантната група сега може да се обиде да организира „напад за одмазда“.
Американците велат дека го уништиле местото за џихадистите да не направат светилиште на кое ќе му оддаваат почит на загинатиот лидер.
Инаку, ирачкиот џихадист Багдади, кој се прогласи за „калиф“ на сите муслимани и лидер на Исламската држава, загина детонирајќи го самоубиствен елек додека бегал во слеп тунел, опкружен од најелитните американски специјални единици.