Заменик-министерот за екологија Јани Макрадули кој по хаваријата во ОХИС вчера соопшти дека состојбата е под контрола, излеаната течност е собрана и покриена со пилевина, денеска повторно ги смирува граѓаните.
-По вчерашните случувања во кругот на Охис, денес повторно е направен увид од страна на Државниот инспекторат за животна средина и од Лабараторијата АМБИКОН на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, ангажирана од страна на судот, за надзор на процесот и начинот на кој се одвива чистењето.
Она што е констатирано е дека инцидентот е саниран, благодарение и на брзата реакција на сите надлежни институции. Станува збор за процес на чистење на 11 видови хемикалии, кој трае 9 месеци. Сите хемикалии кои се собрани се детално испитани. Досега целиот хлор е отстранет и изнесен, како и дел од другиот опасен отпад кој се наоѓал во кругот на Охис. Oва е систем каде целосно се знае каде точно завршуваат сите овие хемикалии. Тие се препакуваат и како опасен отпад се извезуваат надвор од државата. Откако ќе бидат собрани и обработени податоците од сите релевантни институции, ќе се донесе соодветно решение. Сакам да ги уверам жителите на Кисела Вода дека не постои никаква опасност, а тоа и го покажуваат и мерења од страна на Лабараторијата АМБИКОН, направен со PID детектор за органиски испарливи компоненти кој покажа дека нема концентрација на метил акрилат мономер во зоната на објектот, напиша Макрадули на Фејсбук.