Овие господови лекари наречени и Свети бесребреници имаат два празника, на 1 јули (Свети врачи – летни) и на 1 ноември (според стариот календар). Именден празнуваат: Кузман, Кузе, Дамјан, Даме…
Меѓу поголемите есенски празници што се празнуваат со домашни служби спаѓа и празникот на Светите врачи Кузман и Дамјан. Овој празник меѓу народот е познат како Свети врачи или едноставно како Световрача. Зборот врач (враж) и денес во некои словенски јазици (на пр. во рускиот јазик) значи лекар.
Овие господови лекари наречени и Свети бесребреници имаат два празника на 1 јули (Свети врачи – летни) и на 1 ноември (според стариот календар). Наречени се бесребреници или безмитни затоа што бесплатно ги лекувале сиромашните болни, а среброто е поим за алчност. Среброљубец се вели за човек алчен за пари.
Се откажале од овоземните богатства, лекувале бесплатно според Господовата заповед: „Болни лекувајте, лепрозни очистувајте, мртви воскреснувајте, бесови изгонувајте! Бесплатно добивте, бесплатно давајте“.
Овие свети браќа, Господови исцелители освен за време на животот се прославиле и после смртта. Имено кога на некој човек при спиењето му влегла змија низ устата и кога му се заканувала сигурна смрт се спасил со тоа што во претсмртната агонија ги повикал св. Кузман и Дамјан. И така Господ и по смртта ги прославил тие што го славеле во текот на целиот свој живот.
На иконите светите врачи Кузман и Дамјан се претставени заедно со крстови во рацете или, со кутивче со лекови и со лажиче со кое на болните бесплатно им давале од лековите.
Во народниот живот овој празник повеќе го празнуваат оние што се занимаваат со народна медицина: лекување, баење, лекување со билки итн. Тие на овој празник не работат зашто во спротивно нема да им фати лекот. Култот кон овие светци бил изразен во повеќе места на Македонија.
Мала црква посветена на светите врачи Кузман и Дамјан има во скопското село Говрлево. Во црквата има и света вода, а според преданието оваа црква е изградена откако на некој човек му се сонило дека на местото каде што извира водата треба да се изгради црква. Според други преданија Јустинијан Први во 6 век на тоа место бил излекуван. До црквата има уште една чешма за која се верува дека подмладува поради што, овде луѓето доживуваат длабока старост.