Лидерот на СДСМ Зоран Заев станува мандатар за составување на влада. Претседателот Стево Пендаровски најави дека утре на пладне ќе му го довери мандатот на претседателот на СДСМ.
„Зоран Заев, во име на коалицијата ,,Можеме”, којашто има освоено најголем број пратенички мандати во Собранието, го информираше претседателот Пендаровски за преговорите со повеќе партии за обезбедување на неопходното мнозинство во Собранието за избор на владата“, информираат од кабинетот на Пендаровски.
Ваквото известување не наговестува дали Заев зад себе ја има поддршката од минимум 61 пратеник. Имено, колицијата „Можеме“ има освено 46 пратенички мандати, Заев потврди и соработка со едниот пратеник на ДПА, но се уште недостасуваат уште 14 народни избраници.
Заев изминативе денови имаше интензивни разговори со Ахмети, но од СДСМ не потврдуваат дали имаат владин договор со ДУИ,или пак, обезбедена е поддршка од други пратеници.
Од ДУИ велат договор со СДСМ нема, преговорите продолжуваат. Ахмети во исто време ќе има средба со албанските лидери која симболично ја закажа на денот на Рамковниот договор.