Портпаролката на СДСМ Богданка Кузевска изјави дека Централниот одбор, како што рече, констатираше дека со поднесената оставка на Заев во партијата потребно е да започне процес за внатрепартиски избори. Кандидирањето започнува утре и ќе трае една недела, а право да се пријават имаат сите членови на СДСМ кои ги кои ги исполнуваат критериумите предвидени со статутот на партијата. Можност за гласање ќе имаат сите членови на СДСМ кои активно ќе се регистрираат на онлајн алатката. По изборот на нов лидер, ќе се избираат и органите на партијата.
Одговарајќи на новинарско прашање, дали на ЦО било споменато името на Димитар Ковачевски за можен наследник на Заев, Кузеска рече дека се работело за коментар за квалитети на човек, без да прецизира други детали.
Заев на седницата на ЦО информирал дека парламентарното мнозинство е стабилно, изнесува 61 пратеник и очекува да се создадат можности дополнително да се зголеми со цел да се задржи европскиот курс на државата. Кузеска не даде конкретен одговор кој е 61 – от пратеник.
– ЦО смета дека има простор за разговори за приклучување на Алтернатива врз основа на принципи и вредности, и пренесена е надлежност на Заев за тоа, рече Кузеска.
ЦО на седницата оценил дека државата и надлежните институции со полн капацитет се справуваат со предизвиците од енергетската криза и ги носат сите одлуки во оваа функција. Државниот буџет е ликвиден и има средства да се помогне енергетскиот сектор. Во однос на пандемијата фокусот на надлежните е да преземат чекор за дополнително мотивирање и охрабрување што повеќе граѓани да се вакцинираат. Буџетот за 2022 е развоен и обезбедува повеќе пари за инвестиции во клучните сектори, рече Кузеска.