За инцидентите што се случија вчера (28 февруари) во центарот на Атина по завршувањето на еден од најмасовните протести во последните години, грчката полиција привела 220 лица. За време на немирите, над 60 лица биле повредени.

Во Грција вчера се одржа 24-часовни демонстрации преку кои граѓани побараа кривично гонење на одговорните за железничката несреќа што се случи пред точно две години кај Темпи февруари пред две години, а во која загинаа 57 лица.
Од грчката полиција соопштија дека околу 700 лица, „искористувајќи ја големината на собирот, се здружија во групи и се собраа пред споредниот влез на грчкиот парламент, каде жестоко ги нападнаа полицајците и другите лица кои беа во дворот“.
„Нападот беше со употреба на молотови коктели, камења, мермери, димни бомби, како и метални и други предмети, со што се создаде голема опасност за физичкиот интегритет и животот на граѓаните кои учествуваат на собирот. Полицајците, откако се погрижија да ги заштитат граѓаните кои мирно протестираа, отстранувајќи ги во безбеден правец, пристапија кон употреба на неопходните и соодветни средства за задржување и деескалација на нападите“, соопштија од грчката полиција.
Вчера, меѓународните и домашните летови во Грција беа прекинати со штрајк на контролорите на летање кои им се придружија на морнарите, машиновозачите, лекарите, адвокатите и наставниците во еднодневниот генерален штрајк за да им оддадат почит на жртвите од несреќата. Фирмите и културните институции се затворени.
ГСЕЕ, најголемиот синдикат на приватниот сектор, исто така повика на штрајк за, како што рече, да се спроведе владеењето на правото.
Инциденти за време на демонстрациите од пред парламентот во Атина брзо се проширија и на околните улици и траеја подолго време, а полицијата одговори со солзавец, шок бомби и топови со вода.
„Вкупно, како од превентивно, така и за време на нападите, полицијата приведе 220 лица, од кои 73 се уапсени. Паралелно, во нападите беа повредени 29 полицајци, а причинета е штета на објекти и возила“, наведе полицијата.
На 28 февруари 2023 година, патнички воз се судри со товарен воз во близина на клисурата Темпи во централна Грција, а неодамна објавените аудиоснимки покажаа дека околу 30 патници кои го преживеале судирот потоа починале од задушување или изгореници.