Од 1 декември нови правила за боледување: Само 5 дена од матичен


Од 1 декември започнува примената на нови правила за одобрување боледување, со кои се скратува периодот во кој матичниот лекар може да одобри отсуство без дополнителни дијагностички критериуми. Наместо досегашните седум, тој период ќе изнесува пет дена, а за продолжување ќе бидат потребни дополнителни испитувања или специјалистички прегледи, во зависност од здравствената состојба на пациентот.

Од Фондот за здравствено осигурување појаснуваат дека оваа промена не значи дека пациентите задолжително треба да се вратат на работа по петтиот ден, ниту дека им се одзема правото на боледување. Матичните лекари и натаму ќе можат да одобруваат отсуство до 15 дена, додека за подолг период ќе одлучува лекарска комисија. Кога медицинската состојба го оправдува тоа, ќе може да се издаде и приоритетен упат за побрз специјалистички преглед.

За одредени дијагнози, пак, пациентите ќе треба порано да бидат упатувани на дополнителни испитувања и проценка.

Сепак, не е прецизирано како ќе се постапува кога пациентот нема да може навреме да го обезбеди потребниот преглед, а нема медицинска основа за приоритетно упатување.

Дел од забелешките на лекарите биле прифатени при подготовката на новите критериуми, но за одредени решенија сè уште постојат резерви.

За 20 ноември е најавена отворена дебата меѓу Фондот и претставниците на лекарите.

Со новиот правилник се заоструваат и условите за подолготрајно боледување. За отсуство подолго од 60 дена, по правило, ќе биде потребно конзилијарно мислење од тројца специјалисти. Предвидени се исклучоци за одредени тешки заболувања, а кај хроничните пациенти ќе можат да се земат предвид и претходните дијагностички наоди, доколку се соодветни.

Правилникот ги уредува и електронското издавање извештаи, постапката за повторно отворање боледување, како и правото на приговор на лекарската оценка.

Од Фондот најавуваат и работилници на 19 и 20 ноември, наменети за дополнително запознавање на матичните лекари со новите критериуми.

Новиот правилник, објавен во „Службен весник“ на 30 октомври, предвидува и попрецизни услови за подолготрајно боледување. За продолжување над 60 дена, по правило, ќе биде потребно конзилијарно мислење од тројца специјалисти или супспецијалисти, кое важи најмногу 60 дена. Исклучоци се предвидени за пациенти со малигни заболувања, мозочен удар со тешки последици, мултиплекс склероза, политраума и терминални состојби, за кои таквото мислење не е задолжително. Предвиденото времетраење за одредена дијагноза може да се надмине кога постои медицинска оправданост, со обновена документација и оценка од лекарската комисија.

За пациентите со хронични заболувања ќе може да се користат и претходни дијагностички резултати, доколку специјалистот оцени дека се соодветни. Тие не треба да бидат постари од шест месеци, а радиодијагностичките наоди од една година.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1