ДАЛИ РАБОТНИЦИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА СЕ РОБОВИ?


Ќе ги кратиме празниците, ќе ги контролираме боледувањата, ќе ги броиме минутите. А кога ќе почнеме да го броиме човечкото достоинство?

Во Македонија повторно се отвора прашањето колку слободно време треба да има еден работник. Стопанската комора предлага нов модел на празнување, според кој бројот на неработни денови би се свел на 13, а празниците што се паѓаат во недела повеќе не би се префрлале како неработни денови во понеделник. Истовремено, се најавуваат построги контроли на боледувањата, вклучително и предлог матичните лекари да можат да одобруваат боледување до пет дена, наместо досегашните седум.

Зад овие иницијативи се наведуваат продуктивноста, економските интереси, организацијата на работата и спречувањето злоупотреби. Се разбира, злоупотребите треба да се спречуваат. Работните обврски треба да се исполнуваат, а законите да важат за сите. Но, кога веќе толку внимателно се анализира колку работникот отсуствува од работа, можеби е време подеднакво внимателно да се анализира и како тој работи, во какви услови работи и колку од неговите основни човекови права навистина се почитуваат.

Предлогот предизвика реакции од синдикатите, а премиерот Христијан Мицкоски изјави дека стекнатите работнички права треба да се почитуваат. 

Зашто, работникот не е машина. Не е број во табела. Не е средство за остварување профит. И не е ничија сопственост.За сето ова остри реакции има и на социјалните мрежи. Ова се само два поста на корисници што имале прилика да бидат нечии шефови. ,, Малку ако разгледате и истражите, ќе видите дека постојат низа студии кои ја докажуваат зголемената продуктивност на работниците кога работните часови во текот на една работна недела се скратени од 8 на 6 часа. Место ова да се земе како пример, тие ќе барале државата да ги скрати и онака малкуте слободни денови кои работниците ги имаат, исплашени да не останат без џиповите кои ги возат.
Кога ќе сфатите дека животот не е само профит и работа, туку повеќе време со семејството и пријателите, тогаш можеби ќе видите поголема продуктивност, иако сум повеќе од сигурен дека и во моментов постои. Ненаситни!,,

Во текот на кариерата повеќепати сум бил во позиција да менаџирам луѓе и процеси. Секаде каде што сум бил одговорен за тим, сум се борел, а најчесто и успевал, да ги зголемам платите на луѓето. Резултатот, без исклучок, бил значително поголема посветеност, подобар квалитет на работата и повисока продуктивност.

Истовремено, никогаш не сум инсистирал на круто работно време само заради формата. Сум поддржувал клизно работно време таму каде што природата на работата го дозволува, како и максимално користење на годишниот одмор и слободните денови. Не верувам дека уморен/малтретиран/неплатен човек кој седи осум часа на работното место само затоа што мора е нужно попродуктивен од човек кој работи шест часа фокусиран, одморен и мотивиран.

Од моето искуство, продуктивноста не се зголемува со броење часови поминати на работа, туку со добар менаџмент, јасна одговорност, пристојна плата и чувство дека трудот се почитува.

Кога луѓето одат со ќеф на работа, резултатите речиси секогаш доаѓаат. А кога не доаѓаат, можеби пред да се прогласат работниците за непродуктивни, вреди да се погледне и начинот на кој се менаџираат.,,

Кога почнавме да веруваме дека работникот му должи сè на работодавачот, а работодавачот не му должи ништо освен плата?

РАБОТНИКОТ ИМА РАБОТНО ВРЕМЕ. НО ИМА И ЖИВОТ.

Замислете човек што работи од осум до четири. Има дете што треба да го однесе на лекар. Треба да заврши лична административна обврска, да посети институција што работи само во работно време, да однесе родител на преглед или едноставно да реши проблем што не може да го остави за сабота и недела.

Што му преостанува?

Во многу институции и работни средини, излегувањето од работното место и за најкратко време може да се претвори во објаснување, оправдување, барање дозвола и чувство дека човек направил нешто недозволено. Се бројат минутите, се следат доаѓањата и заминувањата, се анализира секое отсуство. Понекогаш се создава атмосфера во која и неколку минути се поважни од резултатот што работникот го испорачува во текот на целиот ден.

А животот не функционира според службениот часовник.

Детето не може да го одложи разболувањето до 16 часот. Болниот родител не може да чека да заврши работниот ден на своето дете. Институциите не ги продолжуваат шалтерските часови затоа што некој има работни обврски. Ниту, пак, секој приватен проблем може да се реши навечер.

Се разбира, работното време мора да се почитува. Но, почитувањето на работното време не значи укинување на човечката флексибилност, ниту подразбира дека секој вработен треба да се чувствува виновен затоа што има живот надвор од канцеларијата.

Проблемот не е во тоа што постојат правила. Проблемот настанува кога правилата се применуваат без разум, без доверба и без разбирање дека пред секое работно место стои човек.

Човек со семејство. Со деца. Со родители. Со здравствени проблеми. Со обврски. Со грижи. Со живот што не може да го стави на пауза затоа што некој одлучил дека работното време е единственото време што има вредност.

ШЕФОТ НЕ Е ГОСПОДАР НА ЧОВЕКОТ

Особено загрижувачки е однесувањето на одредени раководители кои својата функција ја доживуваат како дозвола да управуваат не само со работата на вработените туку и со нивното достоинство.

Наредби без објаснување. Тон без почит. Понижување пред колеги. Притисок за секоја ситница. Постојано докажување дека работникот е заменлив и дека треба да биде благодарен што воопшто има работа.

Во таква средина, раководната функција престанува да биде одговорност и се претвора во демонстрација на моќ.

Некои се однесуваат како да добиле право да располагаат со туѓото време, со туѓата енергија, па дури и со туѓото достоинство. Како вработените да се нивна лична сопственост, а не професионалци ангажирани за да извршуваат конкретни работни задачи.

Таквиот однос потсетува на менталитетот на господарот и потчинетиот — на времиња во кои едниот наредувал, а другиот немал право да праша зошто.

Но, ова е 21 век. Работниот однос не е однос на сопственост. Раководителот не е сопственик на работникот, ниту платата е купопродажен договор за човечко достоинство.

Да, работодавачот плаќа за трудот. Но, не ја купува личноста. Не купува право на навреда, омаловажување, заплашување или неограничено располагање со туѓото време.

Платата е надомест за работата. Таа не е дозвола за нечовечко однесување.

И токму тука се гледа разликата меѓу вистински авторитет и функција зад која се крие лична несигурност. Добриот раководител знае да постави правила без да понижува, да бара резултати без да заплашува и да ја одржува дисциплината без да го уништува достоинството на луѓето од кои зависи успехот на организацијата.

СЕКОЈ ВРАБОТЕН Е ЛИЧНОСТ, А НЕ РАБОТНА ЕДИНИЦА

Во целата оваа расправа како да забораваме уште една важна работа: секој работник е свој човек.

Некој вложил години во образование. Некој со децении го градел своето професионално искуство. Некој поминал обуки, положил испити, стекнал знаење и развил способности што не можат да се измерат со времето поминато на работното место.

Некој е инженер, лекар, новинар, наставник, правник, службеник, техничар, работник во производство или вработен во услужна дејност. Зад секоја професија стои човек кој има сопствена биографија, знаење, карактер, вредности и лични околности.

Тој човек не престанува да биде личност кога ќе влезе на работа.

Неговото образование не исчезнува кога ќе му се обрати претпоставениот. Неговото искуство не станува безвредно затоа што некој друг има повисока функција. Неговата лична вредност не се намалува затоа што зема плата од организацијата во која работи.

А сепак, во некои работни средини, токму така се постапува. Како вработениот да нема право на мислење. Како неговото знаење да е важно само кога се бара да ја заврши задачата. Како професионалното достоинство да мора да остане пред вратата на работното место.

Тоа не е дисциплина. Тоа е потценување.

Ниту една функција не го прави човекот повреден од другите. Ниту една диплома не му дава право да го понижува оној што има помалку образование. Ниту една плата не создава хиерархија на човечкото достоинство.

На работа можеме да имаме различни одговорности, различни овластувања и различни примања. Но, надвор од тие разлики, сите остануваме луѓе со еднакво право на почит.

ЗОШТО СЕКОГАШ СЕ СОМНЕВАМЕ ВО РАБОТНИКОТ, А РЕТКО ВО СИСТЕМОТ?

Кога ќе се појави сомнеж за злоупотреба на боледување, веднаш се отвора прашањето за контрола. Кога ќе се спомене отсуство од работа, се бара поголема дисциплина. Кога ќе се зборува за празници, се пресметува колку работни денови се губат.

Но, каде е истата решителност кога треба да се испитаат неплатениот прекувремен труд, притисоците врз вработените, непочитувањето на договорените услови, мобингот или злоупотребата на раководната позиција?

Каде е подеднакво силната потреба за контрола кога работникот останува по работното време затоа што задачите не можат да се завршат во предвидениот рок? Кога работи за двајца затоа што нема доволно кадар? Кога му се доделуваат обврски што не соодветствуваат со неговото работно место? Кога се соочува со непочитување, но молчи затоа што се плаши дека може да ја изгуби работата?

Не значи дека секој работодавач го прави тоа, ниту дека секој раководител ги злоупотребува овластувањата. Има многу чесни работодавачи и одговорни раководители. Но, постоењето на добри примери не ги поништува проблемите таму каде што тие навистина постојат.

Ако сакаме продуктивност, мора да разговараме и за условите во кои се создава таа продуктивност. Ако сакаме одговорност, таа мора да биде двонасочна. Ако сакаме работниците да ги почитуваат обврските, тогаш и оние што управуваат со нив мора да ги почитуваат законите, договорите и основните принципи на човечко однесување.

Работникот не може да биде единствениот што постојано треба да докажува дека е чесен, одговорен и совесен. И работодавачот, и раководителот, и институцијата мора да ја докажуваат сопствената одговорност.

Во спротивно, не градиме работна култура. Градиме култура на страв.

А човек што работи од страв дека ќе биде казнет, понижен или заменет не е нужно попродуктивен човек. Тој може само да биде човек што научил да молчи.

НЕ МОЖЕ ДА БАРАМЕ ПОГОЛЕМА ПРОДУКТИВНОСТ, А ДА ЗАБОРАВАМЕ НА ЧОВЕЧНОСТА

Економијата има потреба од продуктивност. Компаниите имаат потреба од ефикасност. Институциите имаат потреба од дисциплина. Тоа не е спорно.

Но, продуктивноста не е единствената мерка за едно општество.

Важни се и условите во кои работиме, времето што ни останува за семејството, можноста да се грижиме за здравјето, правото на одмор и чувството дека сме почитувани.

Што добива општеството ако работникот има повеќе работни денови, а помалку време за сопствените деца? Ако е физички присутен на работното место, но е исцрпен, демотивиран и постојано под притисок? Ако секое барање за разбирање се третира како недисциплина, а секое лично прашање како проблем за организацијата?

Работникот не е помалку вреден затоа што му треба слободен ден. Не е помалку професионален затоа што има семејни обврски. Не е помалку одговорен затоа што е човек, а не автомат.

Напротив, работна средина во која се почитуваат луѓето создава услови за доверба, поголема мотивација и подобри резултати.

Затоа, наместо секоја расправа за работниците да започнува со прашањето колку уште може да им се скрати, ограничи или контролира, можеби треба да започне со друго: што треба да промениме за трудот да биде поправедно вреднуван, работното време подобро организирано, а односите на работното место подостоинствени?

Не е секое отсуство злоупотреба. Не е секое барање за флексибилност неодговорност. И не е секое почитување на работничките права пречка за економскиот развој.

РАБОТНИКОТ НЕ БАРА ПРИВИЛЕГИЈА. БАРА ДА БИДЕ ЧОВЕК.

На крајот, прашањето не е дали треба да има правила. Треба. Не е ни дали злоупотребите треба да се санкционираат. Треба и тоа.

Прашањето е дали правилата ќе служат за воспоставување правичен однос или ќе станат средство за еднострана контрола над оние што имаат помала моќ.

Дали ќе изградиме работни средини во кои одговорноста оди заедно со почитта или ќе продолжиме да ги негуваме односите во кои функцијата значи право да се наредува, а работното место обврска да се молчи?

Дали ќе го гледаме работникот како партнер во создавањето вредност или како трошок што треба да се намали, време што треба да се искористи до последната секунда и човек што треба да биде благодарен за секоја плата?

Зашто, зад секоја плата стои труд. Зад секој труд стои човек. А зад секој човек стои живот што не започнува во осум часот наутро и не завршува со отчукувањето на часовникот во четири попладне.

Работникот има право на одговорност, но и на почит. Има обврски, но и права. Има работно време, но и приватен живот. Има претпоставен, но нема господар.

Можеби е време да престанеме да се прашуваме колку уште може да му се одземе на работникот и конечно да се запрашаме колку долго едно општество може да напредува ако ги исцрпува, ги заплашува и ги обезвреднува луѓето врз чиј труд почива.

Затоа што работникот не е роб. Не треба да се однесуваме со него како да е.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1