КОЛКУ ПРИЈАВИ, КОЛКУ ЗАКАНИ И КОЛКУ УБИСТВА ТРЕБА ДА СЕ СЛУЧАТ ЗА ДА СФАТИМЕ ДЕКА НЕ Е ПРОБЛЕМOT ВО ЖЕНИТЕ, ТУКУ ВО СИСТЕМОТ КОЈ НЕ УСПЕВА ДА ГИ ЗАШТИТИ?
Анита Петровска Рајковиќ

Од Росица до девојчето од Богданци и жената од Гостивар – насилството не почнува со последниот удар. Почнува многу порано, а понекогаш државата има доволно предупредувања, но нема доволно брза реакција.
Има вести што не можеш само да ги прочиташ, да ги затвориш и да продолжиш со денот. Не затоа што се потресни, туку затоа што зад нив стои прашањето дали нешто воопшто научивме од претходната трагедија.
42-годишната жена од Гостивар, мајка, сопруга, ќерка, сестра, жена која сега се бори за живот на КАРИЛ. Скршени ребра, повреди на главата, тешки телесни повреди. Според информациите, нејзиниот сопруг со денови ја малтретирал, а нападот завршил со нејзино пренесување во болница во бессознание.
И додека чекаме вести за нејзината здравствена состојба, повторно се прашуваме: како е можно ова да ни стане секојдневие?
Дали реагираме ако на улица видиме маж како удира жена? Дали би застанале, би повикале полиција, би побарале помош? А што правиме кога од соседниот стан се слушаат расправија, вресоци, плачење, удирање и тропање? Кога знаеме дека зад затворената врата нешто се случува, но си велиме: „Не се мешам, тоа е нивна семејна работа“?
Токму во таа рамнодушност насилството добива простор да продолжи.
Реченицата „Лупни ѝ два шамара, ќе ѝ помине“ не е само простачка изјава. Таа е одраз на општествен менталитет во кој насилството сè уште се релативизира, се оправдува и се третира како нешто што треба да се премолчи. А два шамара не се „семејна расправија“. Тие се насилство. И понекогаш се првото предупредување дека животот на една жена е во опасност.
Но, овојпат не сакам само да пишувам дека насилството е страшно, дека жените треба да бидат заштитени и дека институциите треба да реагираат. Тоа сме го напишале многупати. Сакам да прашам нешто многу поконкретно: што точно треба да се промени за следната жена што ќе пријави закани да не стане следната црна хроника?
РОСИЦА НЕ Е ПРИКАЗНА ЗА ЕДЕН ИЗОЛИРАН УБИСТВЕН НАПАД
Случајот со 31-годишната Росица Коцева од Велес е еден од најтешките примери за тоа како насилството може да ескалира пред очите на институциите. Претходните пријави и предупредувања не смеат да останат само документи во институционалните фиоки.
Колку пати една жена треба да пријави закани? Колку пати треба да биде претепана? Дали мора да заврши во болница, на интензивна нега или да го загуби животот за некој конечно да процени дека опасноста е сериозна?
Росица повеќепати пријавувала закани и насилство од поранешниот партнер. Заканите не биле насочени само кон неа, туку и кон нејзините родители и блиски. Во медиумите беа објавени и заканувачки пораки, меѓу кои и: „Ќе бидеш моја или ќе бидеш мртва“.
На 10 септември 2025 година, само пет дена пред убиството, нејзиниот поранешен партнер бил осуден за загрозување на сигурноста и насилство, но добил условна казна. Била изречена и забрана за приближување, која не била почитувана. На 15 септември, Росица и нејзиниот татко беа убиени, а сторителот потоа си го одзеде животот.
Потоа следуваа прашања, реакции, протести и најави за утврдување одговорност. За случајот беше отворено и прашањето за постапувањето на полициските службеници, а беа најавени дисциплински постапки.
Но, што вреди забраната за приближување ако насилникот може да ја прекрши, а жртвата и понатаму да живее во страв? Што вреди условната казна ако заканите продолжуваат? И кој ја презема одговорноста кога институциите имаат информации за ризикот, а не успеваат да спречат трагедија?
Според податоците наведени во извештајот на Европската комисија за 2026 година, во 2025 година биле регистрирани 5.436 полициски пријави за насилство врз жени. Во истата година биле евидентирани и шест фемициди. Тоа не се само бројки. Зад секоја пријава стои жена која побарала помош, а зад секоја загубена жена – семејство и живот што не може да се врати.
БОГДАНЦИ: КОГА ЖРТВАТА Е СЕДУМНАЕСЕТГОДИШНО ДЕВОЈЧЕ
Уште една трагедија, уште едно предупредување кое морало да биде сфатено сериозно.
Седумнаесетгодишната Билјана од Богданци беше пронајдена мртва во опожарено возило, а нејзиниот 21-годишен партнер беше пронајден мртов во близина. Убиство и самоубиство.
Според хронологијата што ја соопшти МВР, Билјана на 30 септември пријавила физички напад од момчето. Тој бил приведен, а против него била поднесена кривична пријава. На 16 октомври, по предлог на Центарот за социјална работа, судот изрекол мерка за заштита, а полицијата изготвила безбедносен план.
И покрај тоа, трагедијата се случи.
Тука не смееме да ја прескокнеме најважната работа: постоењето на заштитна мерка и безбедносен план не е исто што и гаранција дека девојката е безбедна. Мора да се утврди дали мерките биле соодветни на ризикот, дали биле спроведени, дали имало дополнителни закани, дали имало контрола и дали некој навреме проверил дали Билјана навистина е заштитена.
И особено важно: зборуваме за малолетно девојче. Во вакви случаи не е доволно да се третира насилството како проблем меѓу двајца партнери. Потребни се и механизми за заштита на дете, процена на семејната и социјалната средина, психолошка поддршка и активно следење.
Две трагедии, две различни приказни, но истото прашање: колку сериозно ги сфаќаме заканите пред да биде предоцна?
НЕ Е ПРОБЛЕМ САМО ПОСЛЕДНИОТ УДАР. ПРОБЛЕМ Е ЦЕЛИОТ СИСТЕМ НА НАСИЛСТВО.
Мора да престанеме да го сведуваме семејното насилство само на физички напад.
Насилството често започнува со контрола: со проверување на телефонот, со забрани кому смее жената да се јави, со одредување каде смее да оди, со следење, со изолирање од пријателите и семејството.
Потоа доаѓаат понижувањето, навредите, заканите, уцените, економската зависност, одземањето на парите, спречувањето да работи, заплашувањето дека ќе ѝ ги одземат децата.
И многу често, кога жената конечно ќе собере храброст да пријави, таа веќе е во состојба на долготраен страв и исцрпеност.
Прашањето „зошто не си заминала?“ е едно од најнеправедните прашања што можеме да ѝ ги поставиме на жртвата.
Затоа што не е доволно жената да добие совет да се оддалечи од насилникот. Каде да оди? Кој ќе ја заштити? Како ќе ги издржува децата? Кој ќе гарантира дека насилникот нема повторно да ја најде? Заштитата мора да биде реална – безбедно сместување, правна и психолошка поддршка, економска помош и институции што нема да ја препраќаат од врата на врата.
БРОЈКИТЕ НЕ СЕ САМО СТАТИСТИКА, ТУКУ ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ
Европската комисија во Извештајот за Македонија за 2026 година наведува шест фемициди во 2025 година, наспроти три во 2024 и пет во 2023 година.
Овие бројки не се причина само за загриженост. Тие се причина за сериозно преиспитување на начинот на кој државата ја организира заштитата.
Европската комисија предупредува дека специјализираните услуги за жртвите сè уште се недоволни, дека дел од постојните сервиси не функционираат или не ги исполнуваат стандардите, дека недостигаат кадар и одржливо финансирање и дека поддршката за повторно осамостојување на жртвите е недоволна.
За периодот 2020–2023 година, според податоците од 30 центри за социјална работа, биле евидентирани 6.282 нови жртви. МВР, пак, за периодот 2018–2023 година регистрирало 6.242 кривични дела поврзани со семејно насилство.
Ова значи дека не зборуваме за неколку несреќни исклучоци, туку за сериозен и долготраен општествен проблем.
Насилството не почнува со убиство. Почнува многу порано – со закана, со шамар, со страв, со контрола и со убедување дека жената мора да трпи. Колку шамари треба да изеде една жена за да сфатиме дека животот ѝ е во опасност?
Ако чекаме да се случи трагедија за да реагираме, тогаш веќе сме задоцниле.
Но, исто така, не е доволно само да ги осудуваме насилниците на социјалните мрежи. Не е доволно да објавиме црна лента, да запалиме свеќа, да одржиме протест и потоа да продолжиме како ништо да не се случило. Тука доаѓаме до делот што мора да го знае секој што бара одговорност од институциите.
Македонија не почнува од нула во законската заштита. Во февруари 2023 година Кривичниот законик беше усогласуван со Истанбулската конвенција, а во јануари 2026 година беа усвоени нови измени со кои се зајакнува кривичноправниот одговор на семејното насилство.
Особено важно е што со измените се зајакна можноста за кривично гонење по службена должност, без постапката да зависи од тоа дали жртвата ќе поднесе или ќе продолжи да поднесува пријава. Воведени се и одредби за злоупотреба и неовластено споделување интимни материјали.
Што предвидува Кривичниот законик?
- Телесна повреда при семејно или родово базирано насилство: затвор од шест месеци до пет години (член 130, став 2).
- Тешка телесна повреда при семејно или родово базирано насилство: затвор од една до пет години (член 131, став 2). За потешките облици на тешка телесна повреда, кога животот е доведен во опасност или има други особено тешки последици, се предвидуваат и повисоки казни согласно член 131, став 3.
- Сериозни закани во контекст на семејно или родово базирано насилство: затвор од три месеци до три години (член 144, став 3).
- Убиство при вршење семејно насилство или убиство на жена или девојче до 18 години при вршење родово базирано насилство: најмалку десет години затвор или доживотен затвор (член 123, став 2).
На 20 ноември 2026 година, Јавното обвинителство, МВР и Министерството за социјална политика, демографија и млади договорија нов модел на координирано постапување против семејното насилство.
Ова е важен чекор и не треба да го игнорираме.
Според договореното, МВР веднаш по приемот на пријава треба да го извести надлежното обвинителство. Јавниот обвинител ќе ја координира работата на тим составен од полициски инспектори и стручни лица од центрите за социјална работа. Предвидени се итно прибирање докази, вештачење на повредите, процена на ризикот, како и постојани контакт-точки во трите институции за побрза комуникација и давање насоки.
Ова е токму пристапот што одамна недостасуваше: полицијата да не работи изолирано, обвинителството да не чека пасивно да му стигнат предметите, а социјалните служби да не бидат само формално известени.
Но, би сакала да видам и нешто повеќе од соопштение за одржан состанок. Би сакала ова да прерасне во функционален, мерлив и проверлив механизам. Затоа што договорот е добар почеток, но неговата вредност ќе се мери според бројот на жени што ќе бидат заштитени, а не според бројот на одржани состаноци.
ШТО КОНКРЕТНО ТРЕБА ДА СЕ ПРОМЕНИ?
Ако сакаме да спречиме нови Росици, Билјани и жени кои ќе завршат на КАРИЛ, потребни се конкретни мерки, а не уште едно ветување.
1. Секоја пријава мора да значи процена на ризик.
Да се препознаваат повторените закани, претходните напади, демнењето, заканите со убиство и прекршувањето на заштитните мерки. Високоризичните случаи мора да добијат итен и засилен институционален одговор.
2. Забраната за приближување мора да се спроведува.
Не смее да остане само судска одлука на хартија. Потребни се полициски проверки, брза реакција при секое прекршување и поширока примена на електронски надзор кога се исполнети законските услови.
3. Една жртва – еден координатор на случајот.
Жената не смее сама да оди од институција до институција и постојано да ја повторува истата приказна. Едно одговорно лице треба да следи дали се преземени сите мерки и дали навистина е заштитена.
4. Засолништа што функционираат 24 часа.
Жената што бега од насилникот мора да има каде да оди веднаш, со стручна, правна и психолошка поддршка, вклучително и за децата. Засолништа што постојат само во извештаи не спасуваат животи.
5. Финансиска поддршка за да може да замине.
Без приходи, дом и сигурност, напуштањето на насилникот често е речиси невозможно. Потребни се привремена финансиска помош, поддршка за домување, вработување и бесплатна правна помош.
6. Превенција уште во училиштата.
Младите мора да научат да препознаваат љубомора што преминува во контрола, закани, понижување и дигитално следење. Љубовта не е поседување, а насилството не е доказ за љубов.
7. Одговорност и јавна отчетност.
Секој фемицид по претходни пријави мора да биде проследен со детална анализа на институционалното постапување. Ако има пропусти, мора да има последици. Државата треба годишно јавно да објавува податоци за пријавите, ризичните случаи, заштитните мерки, нивното прекршување и судските исходи.
Зашто успехот не се мери според бројот на пријави или состаноци, туку според бројот на жени чии животи навистина биле спасени.
Автор – Анита Петровска Рајковиќ









