Билатералните односи, евроинтеграциите, недовербата меѓу Скопје и Софија и Акцискиот план за малцинствата биле во фокусот на разговорите меѓу шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски и бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова Чамова, одржани во Софија.
По средбата, Муцунски оцени дека разговорите поминале во конструктивна атмосфера, но нагласи дека разликите во ставовите за клучните прашања остануваат значителни. Двете страни се договориле да го продолжат дијалогот за прашањата од заеднички интерес.
Муцунски посочи дека недовербата е сериозен проблем, особено поради досегашното искуство со билатералните барања. Тој повтори дека прашањата за јазикот, идентитетот, историјата и културата не треба да го оптоваруваат европскиот пат на земјава.
На разговорите бил отворен и Акцискиот план за малцинствата, за кој, според Муцунски, ќе продолжат дискусиите во наредниот период. Бугарската министерка, пак, изјавила дека прашала кога би можеле да се спроведат уставните измени, при што, според неа, Муцунски нагласил дека е потребно да се изгради доверба.
По средбата со бугарската колешка, Муцунски разговарал и со еврокомесарката за проширување Марта Кос. Во фокусот биле билатералните односи со Бугарија, реформската агенда и можноста Европската Унија да придонесе за напредок во процесот на пристапување на Македонија.
Муцунски оцени дека во Европската комисија постои сериозен интерес за придвижување на процесот кон отворање на пристапните преговори, но повтори дека позициите на Владата остануваат непроменети и дека дијалогот мора да продолжи со добра волја и почитување на интересите на државата.
Двете страни потврдиле дека прашањето за посмртните останки на цар Самуил не било тема на средбата.
На маргините на Меѓународната конференција за Коридорот VIII, што денеска се одржа во Софија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари билатерална средба со министерката за надворешни работи на Република Бугарија, Велислава Петрова-Чамова.
Министерот Муцунски ја оцени средбата како конструктивна и одржана во позитивен дух, притоа нагласувајќи дека позициите на двете страни и натаму остануваат значително оддалечени.
Во однос на европската интеграција, Муцунски посочи дека меѓу двете страни постои висок степен на недоверба, која, од наша перспектива, е поврзана со предвидливоста на процесот и со досегашното искуство со билатералните барања.
„Нашите позиции се апсолутно јасни. Стратешки интерес и на Бугарија е ние да се движиме напред по европскиот пат. Но, ние сме земја која низ годините постојано се соочувала со билатерални барања. Кога ќе се затворело едно билатерално прашање, потоа се отворало ново“, истакна Муцунски.
На средбата беше разговарано и за продолжување на дијалогот меѓу двете држави во периодот што следи, при што беше потврдена подготвеноста комуникацијата да продолжи и покрај постојните разлики во позициите.
Министерот нагласи дека прашањата поврзани со идентитетот, историјата и културата не смеат да претставуваат пречка на европскиот пат. Тој истакна дека без дијалог не може да се дојде до решение, но и дека самиот дијалог не е гаранција за надминување на разликите.
По жестоките протести францускиот премиер попушти пред учениците
Францускиот премиер Себастиен Лекорну во четвртокот објави дека повеќе од 3.000 наставници ќе бидат ангажирани во училиштата кои се соочуваат со недостиг на кадар, реагирајќи за првпат на барањата на учениците кои протестираат речиси две недели.
Лекорну ова го објави откако 71.500 луѓе учествуваа во новиот бран протести низ цела Франција, барајќи подобри услови во училиштата. Демонстрациите беа проследени со стотици апсења и напади врз образовни институции и полицијата.
Лекорну изјави дека, според планот што го осмисли министерот за образование Едуар Жефре, наставниците-заменици треба да започнат со работа во 114 средни училишта каде што недостигот е најизразен.
Жефре за телевизијата TF1 изјави дека се очекува наставниците да пристигнат во училиштата меѓу петок и следниот вторник. Премиерот исто така најави планови за испраќање на неколку стотици членови на дополнителен кадар кои ќе помагаат во училиштата.
По есенскиот распуст, училиштата ќе можат подобро да ги искористат наставниците за покривање на смените на оние кои се на краткотрајни отсуства, рече тој.
Лекорну исто така вети дополнително финансирање, наведувајќи дека владата ќе поднесе амандмани на буџетот за 2027 година со цел да се претворат некои од предлозите на учениците во конкретни мерки, особено во однос на наставниците-заменици.
Оваа најава претставува прв конкретен одговор на владата на барањата на учениците кои протестираат барајќи повеќе наставници и зголемени инвестиции во образованието. Во меѓувреме, на протестите им се придружија и универзитетски студенти, а за следните денови се најавени нови демонстрации.








