Општинското обвинителство во Копривница поднесе обвинение против 53-годишен хрватски државјанин за кривично дело измама, бидејќи лажно прикажал дека е ранет во Татковинската војна и врз основа на тоа примил вкупно 1,8 милиони куни односно речиси 240.000 евра незаслужена воена инвалидска пензија, пренесува Н1 телевизија.
Според обвинението, тој лажно претставувал дека ги исполнувал условите за инвалидска пензија како хрватски ветеран, во периодот од јануари 1996 до август 2022 година во Копривница и Загреб, во постапката за остварување на правото на инвалидска пензија како воен осигуреник, поради последиците од телесни повреди во Татковинската војна, иако не претрпел никакви повреди за време на војната.
„На овој начин, тој успеал да му се утврди инвалидитет како резултат на телесна повреда во Татковинската војна и правото на инвалидска пензија поради општа неспособност за работа, која редовно ја добивал, а притоа молчел дека не му припаѓа“, се наведува во соопштението на обвинителството.









