Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека разговарал по телефон со рускиот претседател Владимир Путин и дека започнал со закажување средба меѓу него и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Му се јавив на претседателот Путин и започнав со подготовките за средба, на локација што ќе се утврди дополнително, меѓу претседателот Путин и претседателот Зеленски“, рече Трамп во објава на неговата социјална мрежа Трут соуашал по вчерашната средба во Белата куќа со Зеленски и европските лидери. „По таа средба, ќе имаме трилатерала, на која би биле двајцата претседатели, плус мене“, рече Трамп, велејќи дека ова е „многу добар, ран чекор за војна што трае речиси четири години“.
Трамп рече дека потпретседателот на САД Џеј Ди Венс, државниот секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник Стив Виткоф „се координираат со Русија и Украина“.
Иако Кремљ јавно не го објави својот договор, висок функционер на американската администрација рече дека средбата Путин-Зеленски би можела да се одржи во Унгарија. Двајцата ќе се сретнат во следните две недели, според германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Трамп и Зеленски вчера во Белата куќа разговараа насамо пред да се приклучат на контингентот европски лидери. Во Белата куќа присуствуваа францускиот претседател Емануел Макрон, италијанската премиерка Џорџија Мелони, германскиот канцелар Фридрих Мерц, финскиот претседател Александар Стаб, британскиот премиер Кир Стармер, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО Марк Руте.
Американскиот претседател Доналд Трамп на преговорите со претседателот Володимир Зеленски вети дека САД ќе помогнат во гарантирањето на безбедноста на Украина во секој договор за ставање крај на војната на Русија, иако обемот на каква било помош не беше дефиниран.
Трамп го даде ветувањето за време на вонредниот самит во Белата куќа, каде што беше домаќин на Зеленски и група европски сојузници по неговиот состанок во петокот во Алјаска со рускиот претседател Владимир Путин.
„Кога станува збор за безбедноста, ќе има многу помош“, им рече Трамп на новинарите, додавајќи дека европските земји ќе бидат вклучени. „Тие се прва линија на одбрана затоа што се таму, но ние ќе им помогнеме“.
Зеленски го поздрави ветувањето како голем чекор напред, додавајќи дека гаранциите ќе бидат формализирани на хартија во текот на следната недела до 10 дена и велејќи дека Украина понудила да купи американско оружје во вредност од околу 90 милијарди долари.










