Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вечерва истакна дека нема намера да си поднесе оставка, иако резултатите од вториот круг на локалните избори покажуваат различни резултати за партијата. На прес-конференција, Филипче им честиташе на граѓаните за излезноста и нагласи дека СДСМ останува втора партија по големина во земјата и прва во опозицискиот блок.
– Според досега обработените податоци, покрај освоените три градоначалнички места во првиот круг, имаме победа во уште три, а тоа се Центар, Македонска Каменица и Зрновци. Досега шест градоначалници, а очекуваме резултати и во уште неколку општини каде разликата е многу мала – рече Филипче.
Тој им честиташе на сите градоначалници од сите политички партии и нагласи дека овие избори покажуваат јасен патоказ за СДСМ и за него како лидер.










