ВОНРЕДНИ КОНТРОЛИ ВО КУЈНИТЕ ВО 9 ШКОЛИ ВО КАРПОШ


Инспекциски тимови од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денеска спроведуваат вонредни инспекциски контроли во кујните на 9 основни училишта во Општина Карпош со кои стопанисува истиот оператор со храна во чија сопственост е и централниот магацин кој се наоѓа во основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во Скопје и од каде се набавуваат репроматеријали за подготовка на храна.

Во рамки на превентивните вонредните контроли во овие училишта, каде нема деца кои појавиле симптоми на труење со храна, се земаат мостри од храна и од работните површини за лабараториско тестирање.

АХВ ги чека резултатите од тестирањата на земените примероци храна и од работните површини во рамки на вчерашната вонредна инспекциска контрола која заедно ја спроведоа инспектори за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот здравствен и санитеран инспекторат и Ценатрот и Институтот за јавно здравје.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ја затвори кујната во Основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во скопската населба Влае, откако голем број ученици се пожалиле на стомачни болки. ДСЗИ нареди и вонредно чистење и здравствени прегледи на вработените во училиштето, а земени се и мостри од работните површини.

Од Институтот за јавно здравје најавија дека првичните информации за тоа што се случило и зошто децата добиле стомачни проблеми ќе се знаат утре.

Директорот на ДСЗИ, Кирил Лазов попладнево за МИА изјави дека кујната е затворена, како потенцијален извор на зараза, а издадено е решение за забрана за работа, во кое се наложуваат и мерки кои треба да ги преземе операторот, односно вонредно чистење, вонредна дезинфекција, дезинсекција и дератизација од овластена институција и спроведување вонредни здравствено-хигиенски мерки за вработените.

– За констатираната фактичка состојба ќе биде изготвена информација дополнително, по завршување на надзорот. ДСЗИ спроведува вонреден координиран инспекциски надзор по добиеното известување од одделението за епидемиологија на ЈЗУ Центар за јавно здравје Скопје за појава на стомачни тегоби кај ученици од ОУ „Димо Хаџи Димов“ – Скопје, согласно Националниот протокол за постапување на надлежните институции во случај на сомнение и појава на алиментарни инфекции и интоксикации – рече Лазов.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1