Собранието денеска со 81 глас „за“ и 19 „против“ и без воздржани го изгласа Законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците, по скратена постапка. Со ова, се отвора патот за старт на системот за автоматско снимање и санкционирање на сообраќајни прекршоци „Безбеден град“ од 1 февруари. По барање на координаторката на „Европски фронт“, Рина Ајдари, гласањето беше поединечно. За усвојување на законските измени беше потребно двотретинско мнозинство од пратениците.
Законот предвидува зајакнување на безбедноста во сообраќајот преку воведување посебна постапка за прекршоци утврдени со помош на технички средства и уреди за снимање. Брзото и ефикасно санкционирање на прекршителите и изрекување санкции, се очекува да влијае на генерална превенција во областа на безбедноста на сообраќајот.
Координаторот на пратеничката група на Левица, Борислав Крмов истакна дека неговата партија ќе го поддржи Предлог-законот за прекршоци, затоа што, како што рече, ценат дека овој закон ќе спасува човечки животи.
Ријад Шаќири, пратеник на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари истакна дека тие нема да дадат поддршка за законот и оти до Уставен суд ќе поднесат барање за неговата уставност.
Рина Ајдари, координаторка на пратеничката група на „Европски фронт“ нагласи дека нивната коалиција ќе гласа според нивното убедување и оти немаат верба дека ветувањата што ги добиле за уредување и изменување на некои прашања во законот нема да се остваруваат.
Илире Даути, пратеничка на Алијанса за Албанците на Зијадин Села истакна дека не се за, како што рече, вакви закони кои не се сеопфатни и противуставни.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски нагласи дека ќе гласат против законот затоа што, како што рече, погрешно се претставува во јавноста дека овие законски измени се за „Безбеден град“.
– Ова не е закон за „Безбеден град“. Овој закон е за казните кои ќе ги предизвикува системот „Безбеден град“. Во однос на ова прашање, сакам да укажам на две клучни работи, а тоа е сето она што ќе се прибере како податок од камерите на „Безбеден град“ нејасно е во јавноста како и на кој начин ќе се чува и може ли да се злоупотребува. Ова го кажувам заради тоа што коалициските партнери во Владата имаат сериозно негативно искуство во однос на злоупотребите на правата на човекот и граѓанинот во изминатиот период и како сомнеж е реално да се очекува. Второ, за мене исто така неприфатливо е собирањето на мејл адреси и собирањето на телефонските броеви на сите сопственици на патнички возила, правење на една таква база која исто така може да се злоупотребува, е еден сериозен проблем, рече Спасовски.
Тој истакна дека требало многу посеопфатно да се пристапи кон целиот овој концепт на функционирање на „Сејф сити“ и оти требаше најмалку шест месеци да имаме пробен период и тест период во кој би се отстраниле сите недостатоци.
Со овој Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за прекршоците се предвидува можност за примена на новите технологии (систем за детектирање преку технички средства и уреди за снимање), кои може да бидат добра алатка за брзо и ефикасно детектирање на сообраќајните прекршоци и спроведување на процесот на нивно санкционирање.
Во првата фаза системот ќе регистрира прекршоци како: брзо возење, минување на црвено светло, истечена важност на сообраќајна дозвола и непрописно паркирање. Во следната фаза е предвидено проширување на спектарот на прекршоци.









