Регистрирани над 300 штети – Ветерот од 130 километри на час имал јачина на урaган


Невремето, кое траеше помалку од два часа, а зад себе остави речиси двесте паднати дрвја, повеќе од стотина оштетени возила, покриви на згради и куќи, предизвика неколку пожари, оштети патна инфраструктура, како и 2.038 трафостаници, но и повреди неколку лица, а беше и причина за стотици интервенции и ангажман на човечки и технички ресурси за помош и санирање, е уште една потврда дека ненадејни и екстремни временски појави сè почесто ќе го менуваат секојдневието во Македонија.

Според мерењата од автоматските метеоролошки станици, налетите на ветерот достигнале до 134 километри на час, што одговара на дванаесетти степен според Бофоровата скала и се класифицира како оркан – сила што е доволна да откорнува дрвја, да оштетува покриви и да предизвикува значителни материјални штети. Невремето траеше релативно кратко, но сигурно е дека неговите последици ќе потраат извесно време.

Најголемата концентрација на штети беше токму во главниот град. Речиси двесте дрвја завршија на улиците, врз автомобили, тротоари и на зелени површини. Најголемиот дел од оштетените автомобили беа погодени токму од паднати дрвја или од големи гранки. Повеќе крстосници останаа без функционални семафори, а интервенираа и противпожарните единици поради пожари предизвикани од електрични инсталации и паднати кабли. Само во првите часови по невремето во Скопје беа евидентирани:

– 117 оштетени патнички моторни возила

– 35 оштетени покриви

– 189 паднати дрвја

– седум оштетени семафори

– пет пожари

– 10 повредени лица

Тоа се само официјално пријавените случаи до Министерството за внатрешни работи, додека бројот на помалите оштетувања на приватни имоти, фасади, дворови и инфраструктура ќе продолжи да расте и во наредните денови. Особено загрижувачки беше фактот што невремето не поштеди ниту дел од институциите од витално значење. Материјална штета беше пријавена на објектите на Основното јавно обвинителство, Министерството за финансии, Министерството за земјоделство, комплексот „Вили Водно“, Аеродромската полициска база Петровец, објектот „Нова Македонија“, како и на други државни институции. Дополнителни проблеми предизвика протекувањето на покривната конструкција на Меѓународниот аеродром – Скопје, поради што излезот од државата беше во прекин околу 90 минути.

По Скопје, најголем број оштетувања биле регистрирани во Штип. Официјално се евидентирани:

– 14 оштетени автомобили

– шест оштетени покриви

Во Југоисточниот Регион, невремето предизвика пред сè проблеми со електроенергетската инфраструктура. Струмица имаше проблеми со електричната мрежа

Евидентирани се:

– паднати електрични столбови во селата Доброшинци и Градошорци

– прекин на снабдувањето со електрична енергија во селото Свидовица

Тука материјалната штета повеќе беше концентрирана во инфраструктурата отколку кај приватниот имот.

Куманово :

– девет оштетени автомобили

– три оштетени покриви

Тетово – пет пријавени случаи на направена штета

– три оштетени автомобили

– две оштетени покривни конструкции

За пријава на штета или друга итна состојба во главниот град

Според апелот на градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, сите граѓани на кои им е потребна помош, треба да пријават штета или друга итна состојба можат да се јават на телефонските броеви:

112

072/314-929

072/314-909

02/3297-204

По невремето со силен ветер и дожд што завчера ја зафати територијата на Македонија, преку единствениот број за итни повици 112 се примени над 9.000 повици од граѓани, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1