Смртоносната поплава што во вторникот го погоди подрачјето во близина на границата меѓу Непал и Кина можеби била предизвикана од одрон на дел од глечер, кој се урнал во долината на околу 1.200 метри пониско, покажуваат сателитски снимки на компанијата „Планет лабс“, кои ги анализирале експерти.
Непалските власти првично соопштиле дека можен предизвикувач на катастрофата бил земјотрес што го погодил подрачјето неколку минути порано. Сепак, Американскиот геолошки институт (USGS) соопштил дека бил регистриран потрес, но тој не бил предизвикан од земјотрес, туку од одрон со сила еквивалентна на земјотрес со магнитуда од 5,2 степени.
Експертите што ги анализирале снимките наведуваат дека значителен дел од долниот фронт на глечерот се одвоил на надморска височина од околу 5.200 метри и паднал во долината, веројатно повлекувајќи со себе огромни количества карпи и седименти.
Геолозите укажуваат и на можноста за нагло топење на снегот, високите температури и градежните активности како фактори што можеле да придонесат за катастрофата. Сепак, допрва треба да се утврди дали климатските промени имале директна улога.
Властите стравуваат дека бројот на жртви може да биде многу поголем. Досега се пронајдени телата на најмалку 162 лица, додека повеќе од 500 туристи се водат како исчезнати или вкупно над 1300 лица.
These visuals from the floods in Rasuwa, Nepal are absolutely horrific. The scale of the destruction looks unreal, almost like a scene from a disaster movie.The entire Himalayan belt needs to seriously work on better early warning systems for such flash floods. Prayers for… pic.twitter.com/7iiupXXIzT
— Nikhil saini (@iNikhilsaini) August 26, 2026
Најтешко е погоден планинскиот округ Расува, во кој живеат околу 50.000 луѓе и каде што се наоѓаат повеќе хидроенергетски проекти.
Непалската Управа за управување со катастрофи потврдила дека поплавата настанала на реката Ленде по одрон, на околу 20 километри североисточно од границата со Кина.
Страшниот бран носел огромни количества вода, кал и камења низ речните системи Бхоте Коси и Тришули. Во областа Галчи, според наводите, нивото на водата се зголемило за дури девет метри за само 30 минути.
Сателитските снимки направени пред и по катастрофата покажуваат драматична промена на пределот. Некогаш зелената падина сега е затрупана со камења и урнатини.








