Мотоциклист со „јамаха“ возел со 188 километри на час на автопатот Гостивар – Тетово, иако на делницата максимално дозволената брзина е 80 километри на час. Полицијата го открила со специјален полициски пресретнувач, а 27-годишниот возач од Гостивар бил лишен од слобода.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, случајот бил откриен на 15 октомври, во 16:20 часот. Полициските службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата регистрирале мотоцикл „јамаха“ со гостиварски регистарски ознаки, кој се движел со брзина од 188 километри на час.
Возачот В.Б. (27) од Гостивар е лишен од слобода поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, според член 297-а од Кривичниот законик. Од МВР информираат дека се преземени соодветни мерки и дека против него ќе следува постапка согласно закон.








