ОЈОГОКК e вклучено во меѓународна истрага на Европравда против криминална мрежа за инвестициски измами. Штета од над 4 милиони евра, жртви во 50 земји – учествувало и македонското МВР
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Бирото за јавна безбедност, во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, учествуваше во меѓународна координирана операција насочена кон разбивање транснационална криминална мрежа инволвирана во организирани инвестициски измами преку интернет.
„Операцијата беше спроведена со поддршка и координација на Европол и Европравда, а во неа учествуваа надлежни органи од Германија, Кипар, Финска, Албанија, Израел, Косово и Македонија. Како резултат на координираните активности, во различни земји уапсени се седум осомничени лица, извршени се претреси на 17 локации и запленети се повеќе од 100 сервери, како и други електронски докази и средства поврзани со криминалните активности“, велат од ОЈО.
Според досегашните сознанија, утврдената финансиска штета надминува четири милиони евра, а потенцијални жртви се идентификувани во најмалку 50 држави. Уапсени се седум осомничени лица, извршени се претреси на 17 локации и запленети се повеќе од 100 сервери, како и други електронски докази и средства поврзани со криминалните активности.








