Неплатените сметки за струја предизвикаа сериозен проблем на најголемиот државен универзитет. Од утринава без електрична енергија се четири факултети при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, како и зградата на Ректоратот.
Станува збор за Машинскиот, Електротехничкиот, Природно-математичкиот и Земјоделскиот факултет. Причината за прекинот се неплатени обврски кон снабдувачот со електрична енергија, кои, според информациите до кои дојде „Плусинфо“, достигнале околу половина милион евра. Најголемиот дел од долгот го направиле факултетите.
Во моментов нема информации кога повторно ќе биде воспоставено снабдувањето со струја, ниту дали во меѓувреме ќе бидат исплатени дел од долговите за да се овозможи повторно вклучување на електричната енергија.
Во наредните денови се можни нови исклучувања и во други јавни институции. Под ризик се и културни установи, а предупредувањата се однесуваат и на Пошта.
Дополнителен показател за финансиските проблеми со кои се соочуваат државните институции се и нивните обврски кон ЕСМ. Според податоците на компанијата, долговите на јавните и државните институции кон ЕСМ надминуваат 24 милиони евра.








