Секојдневните обврски низ институциите често знаат да одземат часови чекање, особено кога не знаеме кои документи ни се потребни или кога добиваме официјални известувања напишани со тешка терминологија.
Токму затоа, петмина успешни средношколци од СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово ја создадоа апликацијата „CivicDoc“, која со помош на вештачка интелигенција ја прави администрацијата едноставна за секого.
Тимот составен од Горјана Самојловска, Масимо Симоски, Милан Стефаноски, Дарија Костовска и Лена Јосифоска осмисли систем кој овозможува да сликате каков било образец или решение, по што апликацијата веднаш ви ја објаснува содржината со едноставни зборови.

Дигиталниот асистент подготвува и чекор-по-чекор водич за секоја постапка, нуди интерактивна мапа до институциите, автоматски пополнува формулари и испраќа потсетници за важни рокови и истек на лични документи.
Нивниот проект веќе влезе меѓу најдобрите 120 идеи во државата на натпреварот „Средношколец милионер“, а поддршката од јавноста е отворена уште неколку дена.
Фото: CivicDoc








