Вчера, 23-02-2013, за време на одржувањето на Шарпланинскиот куп, пред неколку сведоци во викенд населбата на Попова Шапка, човек со пушка пукал во кучињата кои живеат на планината, информираше Асоцијацијата на активисти за права на животните (ААПЖ).
„Неколку кучиња се повредени, а мажјакот кој ја чуваше планината и се бореше со волци, не дозволувајќи им да пријдат до викенд населбата, нема да преживее ниту уште еден ден, бидејќи двата куршуми му завршија во рбетниот столб и не е во можност да ги движи задните нозе. Ова куче чија слика ви ја испраќаме беше чувар на една планина, чувар на сите посетители на Попова Шапка“,се вели во реакцијата на ААПЖ.
Од здружението прашуваат до кога надлежните органи ќе ги игнорираат ваквите немили настани.
„Кога некој може да посегне по нечиј живот на сред бел ден и на место преполно со народ, истото тоа може да ни се повтори било каде, било кога! Зар треба да чекаме да настрада човек, за да се запре насилството и врз животните кое стана секојдневна практика?! Да не заборавиме дека светските практики и психијатриската наука укажуваат дека е примарно ваквите дејства да бидат спречени, бидејќи насилството врз животните најчесто е само претходница на насилството врз луѓето!
Се надеваме дека надлежните во текот на утрешниот ден, кога ќе го предаваат шарпланинецот на победникот на Шарпланинскиот куп, ќе помислат и ќе се ангажираат против сите оние кои спротивно на Кривичниот законик, убиваат животни, а никогаш никој не бил санкциониран“, реагираат од ААПЖ.