Да му е милина на човек да ги слуша ветувањата на политичарите пред изборите. Ќе изградиме ова, ќе изградиме она – Скопје ќе е ваков, Битола ќе блесне, Охрид ќе биде Дубаи, катни гаражи, нема да плаќате паркинг ни во Карпош ни во Центар, едните ќе го враќаат достоинството, другите ќе не направат горди…. на ветувањата им нема крај.
Чиниш од џеб ќе градат тие што ветуваат – па со наши пари ќе градите сите вие, а ние пак ќе си останеме со прстот во уста. Всушност не – ќе имаме уште некоја катна гаража каде паркинг ќе е можеби 200 – 300 ако не и 500 денари. Изградена од наши пари, а нам ќе ни наплаќате.
Секое ветување уплав да те фати колку тоа ќе те чини дали преку данок, дали преку плаќање на лице место.
Никаде не чувме ветување поради кое можеби ќе имаме помали давачки – И уште ги слушаме што е најтрагично – уште ракоплескаме на секое нивно СКОПЈЕ ЌЕ ГО НАПРАВИМЕ МОНАКО.
Се добива впечаток дека пусти политичари од што мораат да ветуваат брда и планини што и да ги прашаш ќе ти речат важи нема проблем. Епа ај и мене една зграда ако може, онака успат додека градите на сите страни дигнете едно мало зградиче и за мене. Па да ги рентам становите и од киријата редовно да плаќам паркинг за вашите гаражи.
Него еве една идеја – да прогласиме вечно да се избори.
И така секоја година си имаме избори што предвремени, што редовни. Секоја година еден куп пари за ливчиња и гласање и комисии. Ако веќе скапо плаќаме ајде барем нека се избори нон стоп, ако ништо друго може ќе поверуваме дека мед и млеко ни тече. Дека скопје е Монако, Охрид – Дубаи, и така натака.
И ако ништо друго барем ќеиф на душа што политичарите ќе мора да излезат од своите фотељи, надвор на ладно да не посетуваат, зборуваат убедуваат. Да видат и они како е да одиш пешки на студ, да тропаш од врата на врата, а да не знаеш тој што ќе ти отвори дали ќе те опцуе или ќе ти се насмее.
Ако ништо друго барем ќе гледаме сеир – бидејќи дал едни дал други на обичниот народ ама баш исто му се фаќа кој и да биде.
Сеирџија 🙂