Новата евровизиска песна на нашите претставници Есма Реџепова-Теодосиевска и Влатко Лозаноски-Лозано, ќе биде претставена пред македонската публика вечерва во 20.45, во шоуто „Танц со ѕвездите“ на Македонската телевизија. Нумерата вчера беше изведена во студиото М1 на снимањето на шоуто на кое присуствуваа и претставниците на медиумите. Јавноста ќе може да ја слушне вечерва на државната телевизија.
Текстот за новата песна, чиј назив најверојатно е „Пред да се раздени“, е на Магдалена Цветковска-Ена, а музиката е на Дарко Димитров и на Лазар Цветковски. За делот од нумерата (текст и музика) што ќе го изведува Есма бил задолжен Симеон Атанасов. Kралицата на ромската музика ќе пее на ромски јазик. Kомплетниот аранжман на нумерата е на Димитров. Новата композиција е налик на трендовските европски хитови.
Втората евровизиска нумера е направена откако првата, „Империја“, промовирана минатиот месец, наиде на лоши реакции од публиката. Македонската радио-телевизија, која е организатор на изборот, реши да ги повлече песната и спотот.
Евровизиската тема МРТ треба да ја предаде најдоцна до 18 март, кога во Шведска ќе се одржи состанокот на шефовите на делегациите од сите земји-учеснички на изборот.
Спотот за новата евровизиска песна ќе биде готов до крајот на месецот. Есма и Влатко ќе пеат во втората полуфинална вечер, која ќе се одржи на 14 мај, во арената во Малме.
Vecer