Кривична пријава заработи С.П. (33) од Скопје, вработен како виш надзорник во КПУ „Идризово” Скопје затоа што претепал затвореник, кој подоцна го изгубил бубрегот и слезината, јави МВР. На 12 март околу 14.30 часот во КПУ “Идризово” поточно на бензинската пумпа, по вербална расправија меѓу него и осуденото лице З.И. (37) од Скопје, С.П. физички го нападнал осуденикот удирајќи го со тупаници во пределот на телото со што му нанел тешка телесна повреда.
Истражен судија на пријавениот му одреди мерка домашен притвор во траење од 30 дена.
Имено, според изјавите на осудените лица З.И. и И.У. (26) тие заедно се упатиле кон местото викано Свињарник во КПУ „Идризово” со цел З.И. да му поправи телевизор на друго осудено лице и откако завршиле со работата двајцата осуденици заедно се упатиле во правец на бензинската пумпа со намера да се вратат во своите простории.
Притоа биле затекнати од страна на С.П. кој им кажал дека немаат право тука да се движат.
Тој почнал да ги навредува со погрдни зборови и во еден момент физички го нападнал З.И. удирајќи го со тупаници во пределот на телото при што му ставил лисици за врзување.
За кусо време пристигнал и друг надзорник И.П. кој помогнал во спроведувањето на З.И. до дежурната просторија каде биле изготвени изјави од двете осудени лица и биле упатени во своите простории.
Околу 16.30 часот З.И. побарал да му се укаже лекарска помош бидејќи почуствувал голема болка во пределот на абдоменот, поради што истиот е пренесен во затворската амбуланта, а потоа и во Комплекс клиники „Мајка Тереза” – Универзитетска клиника за урологија.
По направените контролни испитувања на 13 март З.И. е опериран, при што е констатирана руптура на лев бубрег со крварење на бубрегот, поради што истиот му е отстранет заедно со слезината, кај која исто така било констатирано крварење.
Од извршениот преглед на бубрегот, увидено е дека истиот бил раскинат, што според медицинските наоди можело да настане со дејствување на сила, односно како последица на удар или паѓање, иако по телото на З.И. не биле констатирани видливи модринки, крвни подливи и друг вид на повреди.
Повредениот е задржан за понатамошно лекување во Клиниката за урологија.
Од извршениот разговор со С.П. истиот се изјасни дека за време на извршување на своите службени задачи во кругот на КПУ „Идризово” во близина на бензинската пумпа ги забележал осудените лица и на истите им укажал дека не смеат да се движат во тој реон при што од истите побарал да им изврши личен претрес на што осудените лица не се согласиле.
По ова З.И. започнал вербална расправија навредувајќи го со погрдни зборови пријавениот и во еден момент се обидел физички да го нападне фаќајќи го и влечејќи го за службената униформа при што С.П. во обидот да се одбрани употребил физичка сила-зафат и откако осуденото лице З.И. бил соборен на земја, истиот продолжил да дава активен отпор по што С.П. употребил гумена палка со намера да го доведе во послушност удирајќи го два-три пати во пределот на телото и му биле ставени лисици за врзување.
По кратко време пристигнал и другиот надзорник И.П. кој помогнал во спроведувањето на З.И. до дежурната просторија каде биле изготвени изјави од двете осудени лица и после тоа биле упатени во своите простории.
Инаку од извршената проверка во крим-евиденциите на СВР-Скопје лицето С.П. минува за сторено едно кривично дело – “кражба”