Најмногу 10.000 евра, а најмалку 1.500 евра казна за незаконско поседување сметки во странство ќе треба да платат македонските тајкуни чии имиња ќе се најдат на списокот на луѓе и фирми од целиот свет кои чувале пари на Девствените Острови и во други земји познати како даночни оази.
Тоа се највисоката и најниската парична казна предвидени со Законот за девизно работење кој пак, не дозволува македонски компании и граѓани да отвораат сметки во странски банки. Од Министерството за финансии информираат дека во зависност од тежината на престапот во игра може да биде и одземање на изнесените средства, а ако се утврди дека се работи за даночно затајување, или перење пари и конфискација и казна затвор.
Резиденти, правни и физички лица, кои ќе отвораат и имаат сметки спротивно на условите кои се предвидени во Одлуката прават девизен прекршок пропишан со член 56-а од Законот за девизно работење. За ова се предвидени санкции за правно лице од 6.000 до 10.000 евра, за одговорно лице во правно лице од 1.500 до 3.000 евра и за физичко лице од 1.500 до 3.000 евра – објаснува за ВЕЧЕР гувернерот.
Дека на списокот кој ја крена на нозе целата светска јавност има имиња на Македонци, категорично тврди словенечкиот новинар Блаж Згага, член на тимот на истражувачи, кој викендов за Хрватската национална телевизија обзнани дека на фамозниот диск кој го поседуваат има лица од речиси сите поранешни југословенски републики, вклучувајќи ја и Македонија. Во интервју за македонскиот дневен весник “Дневник” вчера тој појаснува дека се работи за лица и тоа неколку, а не за компании.
– Станува збор за македонски граѓани, а не компании. И тоа неколкумина. Сите тие се државјани на Македонија. Во овој момент не можам да ви го кажам точниот број. А и до крајот на истрагата може да се прошири. Инаку, мислам дека во документите се наведуваат имињата на околу 100.000 компании – вели Згага.
На прашањето како е утврдено дека се од Македонија, според презимињата или на друг начин, тој одговара: Преку врските што функционирале преку тие сметки.
Јавноста е во исчекување на објавата на македонските имиња, за да види дали тие се поклопуваат со нејзините нагаѓања.
Инаку, во мрежата на “Офшор ликс”, освен неколкумина Македонци се фатија и околу 130 илјади луѓе од 170 држави. Нивните имиња ќе се објавуваат во континуитет, во наредниот период. Згага вели дека на истражувачите, околу стотина од целиот свет, им претстои огромна работа, треба да обработат околу 2,5 милиона документи “тешки” 260 гига-бајти.
Izvor – Vecer