Откако американската полиција ги ослободи трите киднапирани девојки во Кливленд, сега истражува дали постои и четврта жртва. Ешли Самерс исчезнала во истиот дел од Кливленд во 2007 година, кога имала 14 години, пренесува „CNN”.
Семејството на девојчето, кое речиси шест години се води како исчезнато, се надева дека ослободувањето на трите млади девојки, кои една деценија минале во заробеништво во куќата на Ариел Кастро, ќе им помогне да ја најдат нивната ќерка.
Ешли Самерс имала 14 години кога на 6 јули 2007 година било пријавено нејзиното исчезнување од куќа во истиот дел од градот каде што исчезнале две од трите девојки, Аманда Бери и Џина де Хесус .
Првичните претпоставки биле дека Ешли избегала од дома, бидејќи живеела со роднини со кои, пред да исчезне, се искарала. Меѓутоа, една година подоцна полицијата и ФБИ признале дека е можно девојката да е во опасност и дека некој ја држи против сопствената волја.
Во 2009 агентите претпоставиле дека постои врска меѓу исчезнувањето на Ешли и Аманда Бери и Џина де Хесус, пред сѐ поради физичката сличност на жртвите и поради тоа што сите исчезнале во ист кварт.