Поевтино парно од август


Регулаторната комисија за енергетика предлага цената за топлинска енергија од 1 август годинава да се намали за 2,82 отсто за корисниците на „Балкан енерџи груп“, 2,12 за „Скопје Север“ и за 0,71 отсто за корисници што се греат преку „ЕЛЕМ – Енергетика“.

radijator

Цената, како што истакна претседателот на РКЕ Димитар Петров на денешната прес-конференција, се однесува за симулација за стан со 60 метри квадратни површина со инсталирана моќ од 7,5 киловати и просечна годишна потрошувачка од 9.000 киловат-часови топлинска енергија.

Новите цени на топлинската енергија како што информираше претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Димитар Петров ќе важат до први август 2014 година.

-Доколку некоја од овие компании имаат зголемени трошоци над 5 отсто, во меѓувреме ќе можат да поднесат барање за промена на цената, изјави Петров.

На овој начин, како што рече Петров ќе се изедначат цените на сите дистрибутери на топлинска енергија. Досега највисока цена имаше Скопје Север, меѓутоа со цел да ја вратат довербата на потрошувачите и да ги изедначат цените со БЕК тие се откажуваат од амортизацијата и на дел од приносот на средства.

-Треба да се сопре тенденцијата на исклучување на корисниците од парно, а ова е дополнителен мотив за тоа, рече Петров и додаде дека досега 103 потрошувачи од кои 20 деловни субјекти побарале да бидат исклучени од БЕК, а 37 побарале да се вратат на мрежата.

Конечната одлука за цената РКЕ треба да ја донесе до крајот на месецов, а како што истакна Петров на денешната седница производителите, снабдувачите и дистрибутерите со топлинска енергија немале некои поголеми забелешки на предлогот.

Претседателот на РКЕ исто така информираше дека согласно одлуката на Уставниот суд останува обврската на усклучените корисници за плаќање на фиксните трошоци. -Како резултат на тоа наплатата на фиксните трошоци е зголемена од 10 на 40 отсто, рече Петров.

За годинава обезбедени се потребните количини на гас и мазут и од РКЕ не очекуваат прекини и проблеми во снабдувањето со топлинска енергија.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1