Недостигот на вода за пиење ги натера жителите од скопско Сопиште да постават блокади на регионалниот пат Скопје – село Соње. Револтирани и загрижени се од опасноста без доволно питка вода да им се влоши здравјето, јавува телевизијата Телма.
Велат дека кога најмногу им е потребна водата – во утринските и вечерните часови – ја снемува, за потоа да ја има преку ден, но не во доволна количина. Повеќе од илјада жители од неколку улици во село Сопиште се принудени водата да ја складираат во резервоари и шишиња.
Убедени се дека причините за слабниот притисок и недостигот се градежниот бум и злоупотребата на капацитетот на водоводната мрежа. Се обратиле до јавното претпријатие „Водовод“ и општината, но одговор не добиле.
Од општина Сопиште велат дека четири месеци работат на лоцирање на проблемот со водата.
Блокирањето на главната улица во Сопиште ги принуди возачите кои живеат во Припор да ги остават своите возила во долгите колони додека не заврши протестот. Жителите на Сопиште најавија блокади секој ден во траење од два часа се додека не се реши проблемот со водоснабдувањето.