Граѓаните што сакаат да се исклучат од системот за снабдување со топлинска енергија во Скопје ќе можат да го направат тоа до крајот на месецов, а не до почетокот на грејната сезона како претходно. Сега не им е потребна ниту согласнот од соседите, како што налагаа претходните Правила за снабдување со топлинска енергија.
Уставниот суд неодамна ја укина одредбата со која станарите што сакаат да се откажат од услугата да добиваат топлинска енергија се задолжуваа да добијат согласност од сите станари во зградата. Со измените на правилата, кои во согласност со одлуката на Уставен ги направи Регулаторна, се овозможува секој што сака да се исклучи да може да го направи тоа до 31 август без согласност од соседите.
Ниту во Регулаторна комисија за енергетика ниту во „Балкан енерџи“ не коментираат дали сега има „навала“ за исклучување. Последниот податок за бројот на исклучените неодамна го објави првиот човек на регулаторна, Димитар Петров.
– Досега 103 потрошувачи, од кои 20 деловни субјекти, побарале да бидат исклучени од БЕГ, а 37 побарале да се вратат во мрежата – рече Петров.
Граѓаните, пак, с` уште калкулираат дали им се исплаќа за исклучено парно да плаќаат фиксен дел како што налага Регулаторна.
– Цело време пресметувам и се вртам во круг. Ако се исклучам од системот ќе треба на гладно срце да давам најмалку над 1.000 денари шест месеци во годината за услуга што не ја добивам. А притоа да плаќам и сметки за друга енергија, која ќе ја користам за затоплување на станот во зима. Од друга страна, тешко ми паѓаат фактурите од над 50 евра месечно што ги добивам цела година – вели Ирена Стојановска од Скопје.
Повеќе на – Дневник