Муслиманите во Република Македонија, како и целиот исламски свет, го прославуваат Рамазан-бајрам. По едномесечниот пост, во кој верниците се воздржуваа од храна и пијалоци од зора до зајдисонце, во сите џамии се служи утрински Бајрам-намаз.
„Дозволете ми Вам лично и на сите верници од исламска вероисповед во Република Македонија, да Ви ги упатам моите искрени честитки по повод големиот верски празник РАМАЗАН БАЈРАМ, со желби за добро здравје, благосостојба и мир во душата. Верувам дека, како и досега, ќе останеме цврсто обединети во заедничкиот стремеж за непрекината промоција на мултикултурната и мултиконфесионалната соработка и соживот во нашата држава.
На тој начин заеднички ќе придонесеме во остварувањето на поголема духовна благосостојба на сите граѓани на Република Македонија“, пишува Заев во честитката испратена до поглаварот на Исламската верска заедница реис-ул-улема Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи.
Рамазан е деветтиот месец во исламскиот календар и почетокот на објавата на Куранот. Празникот се слави три дена и во тие три дена се посетуваат гробовите на предците, како и се бакнуваат рацете на постарите.
Во текот на Рамазанскиот пост муслиманските верници се обврзани да даваат садакатул-фитер, милостина на сиромашните. Фитерот треба да се даде пред утринскиот Бајрам-намаз, а ако некој тоа не го направи се обврзува фитерот да го даде во текот на годината.
Рамазан-бајрам е ден кога се сретнува моќта на богатите со слабоста на сиромашните во љубов, милост и правдина. Ден кога сиромашните се радуваат во удобностите на животот, ден кога роднините се сретнуваат во благодет и внимание еден за друг, ден кога муслиманите се соединуваат во молитви и меѓусебни посети, ден кога пријателите ги оживуваат мостовите на љубовта и елементите на блискост, ден кога благородниот дух ги простува грешките на другите и се соединува по разделбата.