Две момчиња се тешко повредени во железничка несреќа што се случила вчера вечер околу 21.30 часот во Велес откако патнички воз кој сообраќал на релација Битола – Скопје удрил во автомобил.
Дваесет годишниот Лазе Лазевски и неговиот врсник Пепи Анчевски, двајцата од Башино село, се тешко повредени во железничката несреќа што вчера околу 21 часот и 20 минути се случи на преминот на битолската пруга, јавува порталот Дума.мк.
Тие се наоѓале во автомобилот марка Форд, со велешка регистерска табличка кој преминал преку пругата во моментот кога доаѓал патничкиот воз од Битола за Скопје.
Од силниот удар на возот сосема е уништен автомобилот кој завршил во Андреевиот крст. Лазевски и Анчевски, имале среќа, излетале надвор од Фордот но завршиле со повреди на главата и телото.
Жители на населбата Керамидна повикале брза помош а на повредените им е укажана помош во болницата во Велес.
– Донесени се двајца пациенти на кои им укажавме помош. Тие биле патници во автомобилот и не се сеќаваа на случката.
Имаат повреди на главата, нагмечувања на телото. Направивме компјутерски, ренгенски и лабораториски испитувања и задржани се на болничко лекување. Tие не се во животна опасност, рече за Дума д-р Љупчо Леов специјалист по трауматологија.
Курир