На скопската Клиника за инфективни болести деновиве врие од пациенти од сите возрасти коишто имаат разни здравствени проблеми како што се: гастроентеро колити, бактериски инфекции, цревни инфекции, како и пациенти со тешки заболувања кои не се примени на другите клиники и бараат лекарска помош на Инфективна, пишува Вечер.
Симптоми кај болните се болки во стомакот, повраќање, дијареа, а во некои случаи висока телесна температура и општа слабост на организмот. Лекарите велат дека треба да се внимава да не се дозволи дехидрација на организмот.
Лабораториски и годинава најчесто изолираната бактерија е салмонела.
Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат предупредуваат да не се купува храна од пазарите каде нема услови за соодветно чување. Според нив инспекторите секојдневно се во контроли на пазарите и не се дозволува да се продаваат на тезга месо и млечни производи. Се контролира и хигиената на објектите каде што се служи брзата храна. Контрола има и на здравствената хигиена на подготвувачите на храна и оние што ја продаваат.
Како што велат инспекторите базирајќи се на искуството од минатите години најчестите труења се регистрираат во слаткарниците, бурекчилниците и сендвичарниците.Тие ги предупредуваат граѓаните да внимаваат од каде купуваат храна,да го проверуваат рокот на употреба и да не консумираат сендвичи со мајонез кој не е фабрички произведен.
Што се однесува за вирусот на западен нил, д-р Петрушевска вели дека ова лето во земјава е регистриран само еден полесен случај на заболен од нилска треска.