Градоначалникот на Штип, Илчо Захариев, го посети бездомникот Фејзула Азисов, за кој медиумите информираа дека останал без живеалште и разговараше за негов работен ангажман.
Азисов кој во моментов спие на отворено кај една од штипските перални за автомобили во населбата Сењак, го посети градоначалникот за да ги види условите за живот и да се утврдат можности за конкретна поддршка, со што ќе му се овозможи на Азисов да добива средства со кои ќе се издржува и ќе си обезбеди кров над главата, пренесува Денешен.
Како што напомена градоначалникот Захариев, во идниот период Азисов ќе биде ангажиран околу расчистувањето на коритото на река Брегалница за што ќе добива соодветен надомест, како ангажиран работник во јавните работи. Надоместот кој ќе го добива за почеток, ќе му овозможат услови да обезбеди кров над глава и средства за исхрана.
По објавувањето на информацијата, Азисов доби неколку кутии на прехранбени хуманитарни производи, но истата ја подели со сиромашни семејства, напоменувајќи дека сака чесно да си го заработува лебот за што му е потребна само работа.