Во време кога игрите на плјестејшн и на компјутер ги заменија детските друштвени игри, на човек на може да не му малку е криво што денешните млади генерации може никогаш нема да заиграат долга магарица. За оние што не знаат, тоа е онаа игра кога една група деца се наведнуваат едно зад друго, со главите меѓу нозете на детето што е пред нив, а другите деца, едно по едно, им скокаат одозгора. Нормално, првиот од групата што лежи, главата ја става во раце односно во скут кај „перничето“, улога која вообичаено во наше маало ја преземаше некое девојче.
Поради тоа, во групата што лежи секогаш имаше караници кој ќе биде на прво место односно кој ќе ја положи главата во скутот на перничето. Од друга страна, првиот најчесто и највеќе страдаше бидејќи забрзувањето и тежината на тој што скока од спротиставениот табор беа многу поголеми на почетокот на магарицата.
Се играше и валкано, па некои деца скокаа на грбовите на своите другари и при тоа ги удираа со колено или со лакт. Поради тоа оваа игра беше најомразена кај родителите. Во играта се користеа различни тактики и стратегии.
Така, групата што скокаше во меѓусебен договор ќе одбереше еден од долгата магарица што е физички најслаб и барем тројца од неа скокаа баш на него, по што магарицата попушташе и кругот така се повторуваше до бескрај. Уште поподмолна тактика беше онаа кога во договор со перничето, кое воедно беше и еден вид судија, постојано се менуваа бројките што ги покажува последниот од групата што скока.
Така кога по скокот последниот од групата ќе викнеше: „Чатали купатали утнам бутнам колку се?“, и со прстите покажеше на пример тројка, доколку тие што лежеа кажеа три, перничето ќе излажеше дека бројката била четири. Така се случуваше една група деца цела ноќ да лежи , додека другата скока по долгата магарица.