Македонците наскоро ќе се возат во нови, современи и модерни возови.
Вакви возови се употребуваат во повеќе европски земји, а се произведени согласно последните стандарди на Европската Унија.
Истите овие стандарди се бараат и во огласот за набавка на нови патнички гарнитури кој вчера го објави „Македонски железници – транспорт“. Доколку возовите кои се набават за македонските железници бидат налик на овие на фотографиите, тогаш македонските патници ги чека реално освежување на железничкиот превоз во земјава.
Вчера министерот за транспорт и врски, Јанакиески најави дека по цели 35 години, Македонската железница ќе добие шест нови патнички гарнитури ( простор за патници и локомотива) по сите потребни стандарди, а инвестицијата во овој проект ќе изнесува 25 милиони евра.
-Набавката на четири нови патнички гарнитури со дизел погон и две нови гарнитури со електричен погон претставува инвестиција во железницата од 25 милиони евра. Овие патнички гарнитури ќе бидат со вкупен капацитет од околу 1.200 патници (секоја по 200 патници) и истите ќе се користат на најфреквентните линии, и според анализите на ‘МЖ Транспорт’, со нив ќе се покријат 60 отсто од линиите што директно значи поудобен и поквалитетен превоз за корисниците на железничкиот транспорт, рече Јанакиески.
Понудувачите своите првични понуди треба да ги достават до осми октомври оваа година кога ќе започне евалуацијата на истите, по што квалификуваните компании од првиот степен своите финални понуди треба да ги поднесат на почетокот на декември оваа година.
-Патничките гарнитури кои ќе бидат набавени треба да ги исполнуваат највисоките европски стандарди за превоз на патници, како во поглед на техничките карактеристики, така и во поглед на задоволување на стандардите за квалитетен превоз на патниците. Истите ќе бидат целосно климатизирани, опремени со вакуум тоалети, енергетски ефикасни, ќе ги задоволуваат сите безбедносни стандарди како и стандардите за превоз на лица со ограничена мобилност односно ќе бидат направени согласно техничките стандарди за интероперабилност на Европската Унија, појасни министерот
Се очекува во рок од 12 месеци од потпишувањето на договорот да пристигнат и првите гарнитури во Македонија, што значи дека истите може да ги очекуваме и во текот на 2014 година.
Kurir