На конечната листа од 26 примени питомци, фигурираат имињата на кандидатите кои на прелиминарната листа биле на 109 место и освоиле 63 бодови, а ги нема кандидатите кои освоиле 93,77 бодови и биле рангирани на високо 9 место на табелата, пишува Вечер.
Конечната листа за прием на новите питомци на Воената академија е наместен и скандалозен, тврдат кандидатите кои се одбиени. Дел од нив веќе подготвуваат приговори, но дел поучени од ланскиот прием, се сомневаат дека тоа ќе вроди со плод.
Неколкумина револтирани и разочарани студенти со кои разговаравме, ни ги покажаа бодовите од прелиминарната листа која на официјалната веб-страница на Министерството за одбрана била објавена во понеделникот и била повлечена веднаш откако во четвртокот, 29 август била пуштена конечната листа во форма на Решение потпишано од министерот Талат Џафери.
Од споредбата точно се гледа дека на конечната листа од 26 примени питомци, фигурираат имињата на кандидатите кои на прелиминарната листа биле на 109 место и освоиле 63 бодови, а ги нема кандидатите кои освоиле 93,77 бодови и биле рангирани на високо 9 место на табелата.
– Не се работи за питомци кои се избирани според правична застапеност бидејќи гледате дека половина односно 14 питомци се Македонци, 10 Албанци и по еден Турчин и Бошњак, појаснуваат нашите соговорници.
Всушност, на прелиминарната табела фигурираат 129 кандидати распоредени според резултатите од успехот во средно, бодовите од државна матура и бодовите од физичките проверки. На листата до 35 место има само еден Бошњак на 17 место и еден Албанец на 20 место кои на конечната листа се 15, односно 26. Оштетени има и од кандидатите Албанци. Имено, од прелиминарната листа се отфрлени кандидати кои имаат 89,5 бодови, 83,9 или 79,9 бодови, а примени се кандидати кои со освоени 63,19 бодови биле на 109 место, или со 63,37 на 108 место.
Во случајов, најоштетени се претставниците на помалите заедници. На пример, не е примен Влав кој бил на 54 позиција со освоени 83,17 бодови, ниту Србин кој е три места подолу со 80,95 бода или Ром кој со освоени 75,77 бода бил на 72 место.
Кандидатите со кои разговаравме тврдат дека имало врски и на систематските прегледи кои биле правени во ГОБ “8 Септември”, а не во Воената болница иако таму се вработени лекари кои се на платен список на МО. Велат дека заедно со кандидатите влегувале и нивни роднини само за полесно да се поминат тестовите.
За жал, од Министерството за одбрана не успеавме да добиеме одговор на неколкуте прашања кои сами по себе произлегуваат. Од Одделението за односи со јавноста не упатија да се обратиме кај советникот за односи со јавноста на министерот Агим Јонуз а тој пак, ни рече дека не успеал да стапи во контакт со министерот или заменик-министерот за официјален одговор. Тој одби самиот да одговори на прашања за кои како што вели доколку би се одговорил во три реда, одговорите би можеле да изгубат од содржината и смислата.
Скандалозен прием на кандидати имаше и минатата година, кога со министерството раководеше сегашниот министер за евроинтеграции Фатмир Бесими.
Вечер