Во Тетово во понеделникот беа измерени 700 микрограми прашина на кубен метар, што е 14 пати над границата, загадувањето се зголемува и во Лисиче и во Центар
Почнува новата сезона на загаден скопски воздух. Деновиве во повеќе делови на Скопје, но и во Тетово, Велес, Кичево и во други градови се регистрирани концентрации на честички прашина со големина од 10 микрометри, неколку пати над максимално дозволените вредности.
Според интернет-страницата на Министерството за животна средина, шест пати над границата е загадувањето во Лисиче, а пет пати на мерното место кај крстосницата до Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Од почетокот на сезоната како лидер избива Тетово каде што во понеделникот беа измерени 700 микрограми прашина на кубен метар, што е 14 пати над законски дозволеното ниво од 50 микрограми.
Прашината ПМ10 е коктел од цврсти честички што го напаѓаат белодробниот систем на луѓето и кои најчесто доведуваат до астма, бронхитис, оштетување на белите дробови, рак и до срцеви заболувања.
Според анализата на Светска банка објавена минатата година, во Македонија годишно умираат по 1.350 луѓе како резултат на загадувањето на воздухот со ситни лебдечки честички (ПМ10). Притоа, ако се намали загадувањето до граничните вредности на ЕУ, би се избегнале над 800 смртни случаи, а загадувањето на воздухот ја чини економијата 253 милиони евра годишно, или 3,2 проценти од БДП во 2011 година.
Телеграф.мк