Чоколадото од 100 грама сега има 90 грама, а вреди како стограмско, некои масла за јадење се 100 грама полесни, макароните и шпагетите веќе немаат 500, туку 400 грама, но тоа не го забележуваат сите, зашто пакувањата останаа со иста големина
Во борба со повеќегодишната криза производителите на прехранбени и други производи за секојдневна употреба се снајдоа, па наместо да ги зголемат цените, ја намалија тежината за 20, 30, па и 50 грама. Македонските потрошувачи се уште се уверени дека една обична чоколада тежи 100 грама. Малкумина приметуваат дека сега стандардот е 90 грама во исто пакување, кое ја прави незабележлива разликата, се додека тој податок не се прочита на амбалажата. Големата милкаа, на пример, веќе нема 300, туку 250 грама, а цената не е сменета, пишува Вечер.
Граѓаните кои имаат навика да го читаат текстот на пакувањата, знаат да кажат дека само уште брашното остана по старо, тежи еден килограм.
Така, половина килограм пакуван ориз во маркетите има иста цена како на зелените пазари, се додека не се воочи битната разлика, пакувањето нема 500, туку 400 грама. Трговците исти трикови употребуваат и со пакуваниот шеќер, кој најчесто не тежи килограм, туку 900 грама. Освен ова, во продажната мрежа низ државата се помалку има макарони и шпагети од 500 грама, најмалите пакувања “јафаа бисквити од различни производители се стопени за 25 грама, “франк” и неколку други кафиња се со иста амбалажа и цена како претходно, а се полесни, паштетите исто така… Ова се забележува и кај пастите за заби, во последно време и со некои масла за јадење, а никој не може да каже дали една векна леб навистина тежи толку колку што треба, за да ја има назначената цена.
– Ова може да се смета за нечесно пазарно однесување, не заради тоа што грамажата на пакуваните производи е помала, а цената иста, туку затоа што амбалажата во која се пакувани оддава слика дека во неа има повеќе, а количината е испишана со многу ситни букви – вели претседателката на ОПМ, Маријана Лончар – Велкова. Таа додава дека трендот конзервата и ќесето да останат исти, а содржината во нив да стане полесна е распространет во светот.
Вечер