Професорот Атанас Илиев ни испрати писмо со кое ја преколнува Владата да му помогне да си ја види ќерката. Целиот спор е заглавен бидејќи мајката е Србинка и детето го однела во Белград и таткото не ја видел цели 2 години. Еве ја неговата молба до Владата да реагира и притисне до судовите во Србија.
Почитувана Влада на Република Македонија, почитувани ИНСТИТУЦИИ на државата, најискрено Ве замолувам да ги преземете СИТЕ потребни дејствија, за КОНЕЧНО остварување на елементарните човекови права на моето дете и на мене како РОДИТЕЛ!
9. 01. 2011 – 11. 09 2013; 32 тажни месеци од грабнувањето и киднапирањето на мојата ќеркичка Лилјана. 32 месеци Лилка не може да го види и да контактира со нејзиниот татко и најблиските во Македонија. Месеци и години на борба за ПРАВДА, месеци и години на понижување низ институтуциите на судската и извршната власт (зашто си татко и зашто си го сакаш своето дете. зашто не го прифаќаш она што Белград ти го сервира, зашто не прифаќаш судење во Македонија како на Ченто, зашто мислиш дека твоето дете треба да научи и македонски (а не само српски), зашто сметаш дека си родител најмалку колку и мајката која смета дека детето е нејзина исклучива сопственост и на која, патем, си и’ овозможил да стане мајка на 43 години преку IVF….).
Изминува 13-тата година на XXI-от век. Време на Интернет и техничко-технолошка револуција. Семејството и децата се нашето најголемо богатство. 22 години независна Македонија, а уште не’ праќаат горе да ни судат….До кога? Или, во Македонија, ПРАВДИНАТА и ДОБРИНАТА секогаш победуваат само во приказните, цртаните филмови и рекламите?
Почитувана Влада на Република Македонија, почитувани ИНСТИТУЦИИ на државата: и малата Лилјана е ДЕТЕ на оваа напатена земја Македонија! Ве замолувам преземете ги потребните дејствија и вратете ни ја насмевката, спокојот и вербата дека ПРАВДАТА СЕ’УШТЕ ПОСТОИ.
проф. д-р Атанас Илиев