Зачестени грчеви во стомакот, но и симптоми како слабост, губење на килограми и алергија, укажуваат на интолеранција на глутен, пченичен протеин кој се наоѓа во пченицата, јачменот, ‘ржта, но и во сите производи кои се прават од нив или ги содржат во мали трагови.
Повеќето преработки, конзервирана храна, витамини или лекови, но и детските кашички содржат глутен, освен ако на амбалажата не е стриктно наведено дека се без глутен. Ова се повеќе се истакнува на етикетите на производите, бидејќи бројот на луѓето кои имаат здравствени проблеми предизвикани од глутен е се поголем.
Симптомите на целијакија или неподнесување на глутен можат долго да “тлеат“ без да предзвикаат некои сериозни проблеми, а експертите се сложуваат дека болеста е наследна, но исто така може и да се создаде или појави кај деца доколку тие се учат да јадат житарици како пченицата пред дозволеното време. Ова е навистина важно да се знае, и затоа педијатрите и нутриционистите постојано апелираат до младите родители да се придржуваат до календарот за исхрана на бебиња и мали деца.
Луѓето кои страдаат од целијакија имаат, нормално, најмногу и најизразени проблеми, па единственото нешто што можат да го направат за да водат нормален и здрав живот е потполното лишување од глутенот и сите производи кои го содржат.
Оваа задача и не е премногу тешка, иако на прв поглед може да делува така. Најтешко е, барем во почетокот, запознавањето со безглутенски намирници, и одредување на производите без глутен на полиците во маркетите. Пченицата во принцип се додава во скоро секоја храна, за да и ја зголеми содржајноста. Заради тоа, глутенот може да се најде во готовата храна, во конзервите, кексите и сл.