Европскиот суд во Стразбур деновиве донесе одлука дека сите железници од земјите-членки на Европската Унија на патниците мора да им исплатат отштета ако возот задоцни, пишува Дневник.
И македонските патници законски имаат можност за вакво обесштетување, но ова право засега е само на хартија, односно ќе стапи во сила кога земјава ќе влезе во ЕУ. Факт е дека ако Законот или судската одлука се имплементираат во пракса, нашите железници ќе треба да издвојат големи суми за обештетување на патниците, поради нивното често доцнење.
– Ако европските железници почнат да ги имплементираат европските директиви или одлуката на Европскиот суд, тврдам дека две третини од нив ќе банкротираат. Не е сјајна состојбата ни кај нив ни во нашата железница. Нас сега не н` засега таа одлука, а за одредбите од законот кој е веќе донесен, побаравме и добивме одлагање додека земјава не влезе во ЕУ. – објаснуваат од Железници
Инаку, Одлуката на европскиот суд им наложува на европските железници дека мораат да им вратат на своите патници половина од цената на возниот билет дури и тогаш кога „виновник“ за доцнењето е виша сила, односно поплава, снег, земјотрес или технички дефект, штрајк и слично. Европскиот, а и македонскиот закон, предвидува патниците да добијат 25 отсто од износот на цената на возниот билет за доцнење на возот помеѓу 1 до 2 часа, а 50 отсто од цената на картата ќе добијат патниците што возот ќе ги однесе до саканата дестинација со задоцнување поголемо од два часа.