Македонците се греат на рати, Босанците трампаат кола за дрва


Продавачите на дрва и јаглен во Македонија се жалат дека граѓаните купуваат помалку од лани и со огрев се снабдуваат во последен момент, пред самата сезона. Во Србија куповната моќ на граѓаните е толку падната што дрвата и јагленот почнале да се продаваат во вреќи од по 15 килограми, додека пак, во БиХ трошокот за греење на поголемите семејства им е поголем од просечната плата во државата пишува Вечер

Продажбата на јаглен  е многу помала од лани, иако сега, пред сезоната, цената е пониска, па тон јаглен што чинел 3.800 денари, сега се продава за 3.600 денари.

ogrev-drva-ugalj– Заедно со сечење и испорака кубик дабово дрво чини 2.900 денари, а кубик буково 2.800 денари. Побарувачката е многу намалена, а забележувам и дека редовни муштерии земаат помалку од порано. За да се загрее еден просечен стан најдолниот минимум кој се постигнува со големо штедење е четири кубици дрва. Сега главно се продава по толку. Купувачите ми раскажуваат дека немаат доволно пари, па планираат да заштедат на дрва со тоа што печката или каминот наместо во 8, ќе ја запалат во 9.30 часот, а наместо во 21 како обично, ќе ја гасат во 20 часот – велат во скопскиот склад за дрва.

Оттаму уште информираат дека годинава престанале да продаваат на рати, зашто лани многумина им останале должни. Но, купувачите се снашле како дрвата сепак да си ги платат на рати, па наместо наеднаш да купат, на пример шест кубика, доаѓаат на три пати и купуваат по два.

Треска пред новата грејна сезона ги тресе и жителите на околните балкански земји, кои се во слична ситуација како нас, а некои и во полоша. Босанските медиуми јавуваат дека граѓаните веќе не се во состојба да соберат пари за да си го обезбедат потребниот огрев. Во градот Бања Лука на пример, поради недостиг на пари при купување на дрва за огрев се нудат дури и семејни автомобили, пишуваат бањалучки Независне новине. Весникот уште информира дека многу босанско-херцеговски домаќинства се уште не се снабдиле со дрва за огрев, за кои владее вистинска побарувачка.

Според српската новинска агенција Танјуг, слабата платежна моќ ги натерала жителите на градот Краљево дрвата и јагленот да ги купуваат во вреќи. Исцепкани дрва за огрев се продаваат спакувани во вреќи од по 15 килограми. Продавачот Бранислав Спасојевиќ за Танјуг рекол дека се продаваат исцепкани дрва во вреќи бидејќи се поевтини, а граѓаните немаат пари да купат поголеми количества. Најчести купувачи се пензионерите. И трговците со јаглен преминале на продажба во вреќи, зашто продажбата им паднала за цели 40%.

Хрватите, пак се вознемирени од цената на централното греење, кај кое неодамна имаше едно безобразно поскапување од речиси 35%.

Вечер

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1