Ракометарите на Пари Сен Жермен пристигнаа вчера во Скопје за денешниот натпревар од Лигата на шампионите против Вардар, но според информациите до кои дојде Дерби.мк куферите со опремата не слетале на „Александар Велики“.
За потврда на оваа вест побаравме информација од ТАВ, кој стопанисува со аеродромот во Скопје, при што ни беше појаснето дека грешката не се случила во Македонија, туку дека багажот не бил претоварен од првата дестинација.
Доколку се реализира ветеното, авиопревозникот на ПСЖ би требало да го донесе багажот во Скопје денес, со што ќе се овозможи одигрувањето на овој значаен меч.
Ракометарите на француската екипа вечерва се сместија во хотелот Александар Палас, а го одржаа и тренингот.
Домаќините очекуваат да нема поместување на предвидените термини.
– Ние немаме добиено информација за вакво нешто, ниту барање за одлагање. Се оди според предвидениот протокол,- изјави за Дерби директорот на РК Вардар, Давор Стојановски.