Јованка Броз беше дама во секој поглед. Префинета во однесувањето, блага во зборувањето. Пред се, јака жена, вистинска партизанка. Ги издржа сите притисоци, сплетки и интриги кои и се случуваа уште во времето кога Тито беше жив, а потоа и животот во комплетна изолација, на работ на сиромаштија. Но, живееше и си замина достоинствено.
Вака скопјанката Љубинка Крстева, внука на Јованка Броз по мајка од семејството Свилар, за Вечер го започна сеќавањето за нејзината голема тетка. Мајка и на Љубинка, Дмитра е прва братучетка на Јованка, мајките им се сестри.
– Не се гледавме често, но се слушавме на телефон. Јованка редовно се јавуваше по Божиќ за да не праша како сме. Како се семејствата на брат ми Јовица и на сестра ми Верица. Се до лани, раскажува нашата соговорничка, покажувајќи ни ги семејните фотографии. Се гледавме во Белград, таа доаѓаше кај вујко ми и таму се собиравме. Кога ќе се видевме, првиот муабет на шега, со мајка ми им беше случката кога мајка ми ја искубала за коса. Мајка ми ќе ја прашаше се сеќаваш ли уште на тоа? А Јованка веднаш одговараше: Како да не се сеќавам, уште ме боли тука – ќе покажеше на главата. Потоа ќе се изнасмееја, па ќе продолжеа со роднински муабети, се распрашуваше за сите што ги знае.
Љубинка раскажува дека Јованка била во контакт со роднините во Белград, со вујкото во чиј дом се собирало целото семејство и со тетка Јелена – сестрата на мајка и на Јованка. Нејзе најмногу и се доверувала. Тетка Јелена имала дозвола да оди и на Дедиње и таа редовно ја посетувала. Некогаш после посетите ќе им се јавела во Скопје за да им пренесе поздрави.
Јованка многу сакала деца и тагувала што нема свој пород. Но, не по своја вина. Нашата соговорничка ни откри една тајна која само баба Јелена ја знаела: дека првата дама на тогашна Југославија забременила од Тито, но била приморана да ја прекине бременоста!
– Баба Јелена ми раскажа дека Јованка наводно останала трудна од Тито, но дека морала да го абортира бебето. Не смееле да имаат заеднички деца. Зошто, не знам точно, раскажува внуката на Јованка.
Баба Јелена често одеше и во палатата. Дури и ненајавена, па сите ја знаеја таму. И еден ден отишла кај Јованка меѓутоа оваа не можела да ја прими, имала протоколарна посета и баба Јелена се налутила. Како мене таа да ме одбие, баба Јелена љута им рекла на службите да и кажете дека се одрекувам од неа.
И истата вечер, некој чукнал на врата. Прашува баба Јелена кој е, а машки глас и одговорил дека Јованка Броз е во колата и дека сака да ја посети, но дека најпрво мора да се направат безбедносни проверки на куќата. Таа вечер, останале до мугри да разговараат со баба Јелена.