Во Албанија нема да се уништува сириското хемиско оружје, зашто тоа е невозможно, изјави премиерот Еди Рама со што стави крај на дилемите и масовните протести кои ја зафатија речиси целата земја.
Како што јави дописникот на МИА од Тирана, неговата изјава бурно беше поздравена од илјадниците насобрани граѓани пред Владата.
– Албанија нема да се вклучи во уништувањето на сириското хемиско оружје, зашто зашто тоа е невозможно. Обврзани сме да бидеме покрај сојузниците како што е САД. Сакам да знаете дека никогаш нема да ја повредам иднината на нацијата, истакна Рама.
Тој објасни дека Албанија, како земја-членка на НАТО и потписника на Резолуцијата за Сирија стои зад партнерите кои го поддржуваат мирот и демократијата во светот.
Претходно албансите медиуми објавија дека САД и ветиле на Албанија пакет со пет работи доколку се согласи сириското хемиско оружје да се уништува на нејзина територија.
1. Помош за да обезбеди статус земја-кандидат за ЕУ во текот на декември;
2. Помош Албанија да стане членка на ЕУ за време на Владата на Еди Рама;
3. Финансиска помош колку три буџети на Албанија (буџетот на Албанија е четири милијарди долари)
4. Гаранција и давање посебен статус за Албанија во однос на САД при што во процесот се вклучува и укинување на визниот режим и
5. Предлог за Албанија за Нобеловата награда за мир.