Популарното шоу „Танц со ѕвездите“ се враќа на ТВ-екраните! По успешната прва сезона, за две недели на првата програма на Македонската телевизија ќе почне да се емитува новата сезона во која повторно ќе се „надигруваат“ познати личности од земјава.
Победникот кој ќе ја понесе титулата за најдобра танцова двојка во втората сезона на „Танц со ѕвездите“ ќе се бара помеѓу радискиот и ТВ-водител Димитар Атанасовски, каратистката Наташа Илиевска, пејачката Сара Мејс, ватерполистот и фотомодел Стефан Лошковски, пливачката Наташа Мешковска, презентерката Маријана Димовска, музичарот Владимир Крстевски- Франц, моделот Александра Накова, актерот Мартин Јордановски и актерот и пејач Влатко Илиевски, и нивните професионални танц-партнери.
Домаќин на „Танц со ѕвездите“ и понатаму останува актерот и водител Тони Михајловски, а неговата партнерка, како што велат организаторите од „Дрим фактори“, ќе остане изненадување до самиот почеток на шоуто.